YouVersion Logo
Search Icon

ЕСТИРА 2

2
В. Возвишување на Естира
1. Барање нова царица
1По тие настани, кога му стивна гневот, царот Ахасвер си спомназа Астина, за она што таа го направи и за што беше одлучено против неа. 2Тогаш момоците, кои му служеа на царот рекоа: „Нека бидат побарани за царот млади девојки, девици со убав изглед. 3Царот нека одреди, во сите покраини на своето царство, повереници, за да му ги соберат сите девици со личен изглед во тврдината на градот Шуша, во женската куќа, под управа на Игај, царевиот скопеник, чувар на жените. Тој ќе се погрижи за нивната нега. 4Онаа девојка што најмногу ќе им се допадне на царевите очи, нека царува место Астина.“ Тоа му беше по волја на царот, и тој направи така.
2. Потекло на Естира
5Во тврдината на градот Шуша беше некој си Евреин, кој се викаше Мардохеј, син на Јаир, синот Симеев, син Кисов, од Венијаминовото племе. 6Тој беше протеран од Ерусалим меѓу заточениците, кои ги одведе вавилонскиот цар Навуходоносор, заедно со јудејскиот цар Јехониј. 7Тој ја одгледуваше Адаса односно Естира, ќерката на својот чичко, зашто таа немаше ни татко ни мајка. Девојката беше прилична и со убав изглед. По смртта на нејзиниот татко и на нејзината мајка, Мардохеј ја зеде кај себе како ќерка. 8Кога се расчу за царскиот збор и за неговата наредба, многу девојки се собраа во тврдината на градот Шуша под Игаев надзор. Така ја доведоа и Естира во царевиот дворец, под надзор на Игај, чуварот на жените. 9Девојката им се свиде на неговите очи, таа ја придоби неговата наклонетост, и тој се погрижи за нејзиното разубавување и за издржување. Покрај тоа и даде седум највредни робинки на царскиот дворец и ја премести заедно со девојките, во најудобните простории на женската куќа. 10Естира не ги спомна ниту народот ниту потеклото свое, зашто Мардохеј ѝ беше забранил да го направи тоа. 11Секој ден Мардохеј шеташе пред дворот на женската куќа, за да научи како се чувствува Естира и како се однесуваат кон неа.
3. Избор на Естира
12Секоја девојка требаше да влезе кај царот кога, според уредбата за жените, ќе дојдеше ред на неа, односно после дванаесет месеци. Зашто тогаш завршуваше времето на нивното разубавување: шест месеци со масло од смирна, а шест месеци со мирислива смола и со други масти за женска нега. 13Па кога девојката влегуваше кај царот, ѝ беше дозволено да понесе со себе, од женската куќа во царскиот дворец, сѐ што ќе побараше. 14Таа влегуваше навечер, а наутро се враќаше во друга женска куќа, под надзор на Саазгаза, царев скопеник, чувар на соложниците. Веќе не му се враќаше на царот, освен ако ја посакаше посебно и ако ја повикаше кај себе по име.
15Кога ѝ дојде ред на Естира, ќерката на Авихаил, кој беше чичко на Мардохеј, кој ја имаше присвоено за своја ќерка - да влезе кај царот, таа не побара ништо освен она што ѝ рече Игај, царевиот скопеник, чувар на жените. Сепак предизвикуваше восхитување кај сите кои ја гледаа. 16И така, ја воведоа Естира кај царот, во неговиот царски дворец, во десетиот месец, месец тевет, во седмата година на неговото владеење. 17Царот ја заљуби Естира повеќе од сите други жени; таа му омиле повеќе од сите други девици и таа ја придоби неговата наклонетост. И тој го стави царскиот венец на нејзината глава, па таа стана царица место Астина. 18Потоа царот даде голема гозба, во чест на Естира, за своите кнезови и службеници; на сите покраини им одреди починка и им раздели дарови, царски дарежливо.
Г. Заговор против цар
19Кога девојките беа собрани повторно, Мардохеј седеше при царската врата. 20Естира не го кажа ни народот ни потеклото од кое произлегуваше, како што ѝ беше наредил Мардохеј. Естира и натаму ги пазеше сите Мардохееви упатства како кога се наоѓаше под одгледување. 21Во она време кога Мардохеј седеше при царевата врата, Вихтан и Терес двајца цареви дворјанци, чувари на прагот, пламнаа со гнев и почнаа да смислуваат да подигнат рака против царот Ахасвер. 22За таа нивна намера научи Мардохеј. Тој ѝ соопшти на царицата Естира, а Естира му соопшти на царот во Мардохеево име. 23Сѐ се истражи и завера беше откриена, па двајцата беа обесени на столб. Тоа беше запишано пред царот во книжниот свиток на Летописите.

Currently Selected:

ЕСТИРА 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in