YouVersion Logo
Search Icon

ПРОПОВЕДНИК 9

9
ОДНОС КОН НЕПРАВЕДНОСТИ НА ЖИВОТ
9:1-12:8
А. Користење на живот на најубав начин
1. Неизбежност на смрт за праведник и грешник
1Размислував во своето срце за сѐ тоа и сфатив дека и праведниците и мудреците со своите дела, се во Божјата рака; и човекот не разбира што го чека: љубовта или омразата, и двете се пред него. 2Кобта е иста за сите: за праведниот како и за нечесниот, за чистиот и за нечистиот; за оној кој жртвува како и за оној што не жртвува; еднаква за добриот и за грешниот; за оној што се заколнува како и за оној што се бои од заклетва. 3Најлошто од сѐ што се збиднува под сонцето е следното: кобта е иста за сите, човечкото срце е полно со зло, лудоста е во срцата на луѓето додека живеат, а потоа им се придружуваат на мртвите. 4Зашто оној кој е меѓу живите, има надеж: и живиот пес повеќе вреди отколку мртов лав. 5Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив. 6Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и зависта, и веќе немаат учество во нешто што станува под сонцето.
2. Радости на живот на земја
7Затоа јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце, зашто на Бога веќе порано Му се допадна твоето дело.
8Носи бела облека во секое време и нека не снема масло на твојата глава.
9Уживај го животот со жената која ја љубиш во сите денови на својот суетен век што Бог ти го дава под сонцето, зашто тоа е твое учество во животот и во трудот со кој се трудиш под сонцето. 10Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш, зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш.
3. Суета на напори и успех во живот
11Освен тоа видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта ги достигнува сите. 12Човекот не го знае својот час: како рибите уловени во подмолна мрежа, и како птиците фатени во примка, така се фаќаат човечките синови во времето на неволја, што ги опфаќа ненадејно.
4. Предност на мудрост
13Уште ја видов под сонцето и оваа „мудрост“, што ми се виде голема: 14Беше еден мал град и малку луѓе во него, а на него удри голем цар, го опкружи и подигна околу него големи опсадни стражарници. 15Но во него се најде мудар сиромав, кој го спаси градот со својата мудрост, а после никој не си спомнуваше за тој човек. 16Сепак јас велам: подобра е мудроста отколку јачината, но не се цени мудроста на сиромавиот и не се слушаат неговите зборови.
17Тивките благи зборови на мудрецот се слушаат подобро отколку викотницата на заповедникот над глупците. 18Мудроста вреди повеќе отколку военото оружје, но еден единствен грешник расипува многу добри нешта.

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in