YouVersion Logo
Search Icon

ВТОРОЗАКОНИЕ 20

20
Воени закони
1„Ако тргнеш во војна против своите непријатели па видиш коњи, коли и народ поброен од себе, не бој се од нив! Та со тебе е Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја. 2Пред бојот свештеникот нека истапи и нека му зборува на народот. 3Нека им каже: ‘Чуј, Израеле! Денес тргнувате во бој против своите непријатели. Нека не ви премалува срцето! Не плашете се! Не бојте се! Не треперете пред нив! 4Па Господ, вашиот Бог, иде со вас за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.’ 5Потоа надгледувачите нека му проговорат на народот: ‘Има ли некој што изградил нова куќа а не се вселил во неа? Нека се врати во својата куќа, за да не загине во бојот па да се всели некој друг во неа. 6Има ли некој што посадил лозје а уште не го брал? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му го обере друг родот. 7Има ли некој што се свршил а не се оженил? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му ја одведе некој друг свршеницата.’ 8Воените началници нека продолжат и нека му речат на народот: ‘Кој се бои и кому срцето му е обесхрабрено, нека се врати во својот дом, за да не им се обесхрабрува срцето на неговите браќа како нему.’ 9Кога надгледувачите ќе го завршат говорот на народот, воените заповедници нека застанат на чело на народот.“
10„Кога ќе дојдеш под некој град за да се нафрлиш врз него, најнапред понуди му мир. 11Ако ти одговори со мир и ти ги отвори своите врати, сиот народ што ќе го најдеш во него претвори го во поданик, нека работи за тебе. 12Но ако го одбие твојот мир и завојува против тебе, опсади го. 13Кога Господ, твојот Бог, ти го предаде во рацете, погуби ги со остар меч сите негови машки! 14А жените, децата, добитокот, сѐ што ќе биде во градот - сиот плен - земи ги за себе, и уживај го пленот од своите непријатели, што ти го дава Господ, твојот Бог. 15Така постапувај со сите градови, кои се многу далеку од тебе, кои не се од градовите на овие народи оттука. 16Во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти ги предава во наследство не оставај ништо во живот, 17туку удри ги со клето уништување: Хетејците и Аморејците, Ханаанците и Ферезејците, Евејците и Евусејците, како што Господ, твојот Бог, ти нареди: 18за да не ве научат да ги правите сите оние одвратности што им ги прават на своите богови, па да не согрешите против Господа, својот Бог.
19Кога ќе нападнеш некој град па треба да го опсадуваш долго за да го освоиш, не ги уништувај неговите дрва засечувајќи во нив со секирата. Можеш да им го јадеш плодот, а немој да ги сечеш. Зашто полските дрва не се луѓе за да можат да избегаат пред тебе во тврдината. 20Единствено дрвата за кои знаеш дека не се овошки можеш да ги ништиш; нив можеш да ги сечеш и да правиш од нив справи за опсадување на градот што е во војна против тебе, додека не падне.“

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in