YouVersion Logo
Search Icon

ВТОРОЗАКОНИЕ 18

18
Удел на свештеници и левити
1„Свештениците левити - целото Левиево племе - нека немаат дел во наследството со Израел; нека живеат од жртвите палени на Господа и од Неговото наследство. 2И така, нека немаат наследство меѓу своите браќа: Господ е нивно наследство, како што и им рече. 3Ова нека биде свештеничка награда од народот - од оние што принесуваат жртва, било тоа да се говеда или овци, на свештеникот треба да му се дадат плешките, вилиците и желудникот. 4Давај му и првина од своето жито, од своето вино, од своето масло и првината од волната на своите овци, 5зашто него го избра Господ, твојот Бог, од сите твои племиња; него и неговите синови, за да стојат засекогаш пред Господа, твојот Бог, па да обавуваат служба и да благословуваат во името на Господа.
6Ако некој левит, кој престојува во некој твој град, каде и да е во Израел, посака со сета своја душа да дојде во местото што го избра Господ, 7може да служи таму во името на Господа, својот Бог, како и другите негови браќа, левити, кои служат таму пред Господа. 8Нека јаде еднаков дел како и другите, без обѕир на продадениот татков имот.“
9„Кога ќе влезеш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, не приучувај се на одвратните гнасности на оние народи. 10Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво; 11никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците. 12Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог. 13Биди Му сосем верен на Господа, својот Бог. 14Народите што наскоро ќе ги истераш ги слушаат вражалците и гаталците, но Господ, твојот Бог, не ти го дозволува тоа тебе.“
Пророштво за идниот Пророк - Месија. Проверка на лажните пророци
15„Господ, твојот Бог, ќе ти издигне од твојата средина, од твоите браќа, Пророк, каков што сум јас: слушајте Го Него! 16Сосем онака како што и молеше од Господа, својот Бог, на Хорив, на денот на собирот, кога велеше: ‘Не сакам веќе да го слушам гласот на Господа, својот Бог, ниту сакам веќе да го гледам тој силен оган, за да не загинам!’ 17Господ ми рече на тоа: ‘Право рекоа. 18Ќе им издигнам Пророк од среде нивните браќа, каков што си ти. Ќе ги положам своите зборови во неговата уста, за да им каже сѐ што ќе му заповедам. 19А ако некој не ги послуша Моите зборови што ќе ги зборува Пророкот во Мое име, тој ќе одговара пред Мене. 20А пророкот, кој би се осмелил да зборува нешто во Мое име, што Јас не сум заповедал да зборува, и кој би зборувал во името на други богови, таквиот пророк нека биде погубен.’ 21Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Како ќе го препознаеме словото што Господ не го изрекол?’ 22Кога пророкот зборува во името на Господа, па тоа не биде и словото не се исполни, тогаш тоа е зборот што Господ не го кажал. Тој пророк зборуваше во дрскост. Немој да се плашиш од него.“

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in