YouVersion Logo
Search Icon

ВТОРОЗАКОНИЕ 16

16
За празнувањето на Пасха
1„Пази го месецот Авив и слави ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, зашто Господ, твојот Бог, во месецот Авив, те изведе ноќе од Египет. 2Како Пасха во чест на Господа, својот Бог, жртвувај од ситниот и крупниот добиток во местото што Господ ќе го избере за да го настани во него Своето Име. 3Ништо со квас не јади со неа; туку седум денови јади бесквасен леб - леб на огорчение - бидејќи набрзина излезе од Египетската Земја: за да си спомнуваш во текот на целиот свој век за денот кога излезе од Египетската Земја. 4Седум денови нека не се гледа кај тебе квас на целото твое подрачје, и ништо од месото на жртвата што ќе ја заколеш навечер не смее да остане преку ноќта до утрото. 5Не е дозволено да се жртвува Пасхата во кој и да е град што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, 6туку во местото кое ќе го избере Господ, твојот Бог, за да го настани таму Своето Име; само таму жртвувај ја Пасхата во предвечерјето, при зајдисонцето, зашто во тоа време излезе од Египет. 7Испечи ја и изеди ја на местото што ќе го избере Господ твојот Бог. Тогаш наутро сврти се и запати се кон своите шатори. 8Шест дни јади пресни лебови, а на седмиот ден нека биде свечен собир во чест на Господа, твојот Бог. Не работи никаква работа!“
За празникот Седмици
9„Изброј седум седмици; а тие седум недели почни да ги броиш кога српот ќе почне да го жние класјето. 10Тогаш празнувај го празникот Седмици во чест на Господа, својот Бог, принесувајќи Му доброволен принос од своите раце, како што Господ, твојот Бог, веќе ќе те благослови. 11И весели се тогаш пред Господа, својот Бог - на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани таму Своето Име - ти, твојот син и твојата ќерка, твојот слуга и твојата слугинка, левитот кој ќе биде во твојот град, придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе бидат кај тебе. 12Спомни си дека и самиот беше роб во Египет. Затоа пази ги и врши ги овие одредби.“
За празникот Сеници
13„Празникот Сеници слави го седум денови, откако ќе ги собереш плодовите од твоето гумно и од својата каца. 14Весели се на својот празник ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка, левитот и придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе се најдат во твојот град. 15Празнувај во чест на Господа, својот Бог, седум денови на местото што ќе го избере Господ, зашто Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сите твои жетви, во сите твои производи за да бидеш весел.
16Трипати во годината сите твои машки нека се појават пред Господа, твојот Бог, на местото што ќе го избере: на празникот Бесквасен леб, на празникот Седмици и на празникот Сеници. Ама никој нека не доаѓа при Господа со празни раце, 17но секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог.“
Судии
18„Во секој град, што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, постави судии и надгледувачи за своите племиња, за да управуваат праведно со народот. 19Не искривувај ја правдата; не биди пристрасен; не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува очите на мудрите, а ја загрозува работата на праведните. 20Стреми се кон самата правда, за да живееш долго и за да ја земеш во сопственост земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава.“
21„Не поставувај ашери и од било какво дрво околу жртвеникот на Господа, својот Бог, што ќе го издигнеш; 22и не подигај столбови, зашто Господ, твојот Бог, го мрази тоа.“

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in