ДАНИЕЛ 3
3
В. Златен кип и печка вжарена со оган
1. Принудно идолопоклонство
1Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина. 2Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор. 3Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор. 4Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува: 5во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор! 6Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.“ 7Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор.
2. Обвинување и испитување на трите младинци
8Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците. 9Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека! 10Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип; 11а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка. 12А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.“
13Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот. 14А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав? 15Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?“
16Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа. 17Нашиот Бог Кому Му служиме може да нѐ избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нѐ избави. 18Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.“
3. Пресуда и исполнување на казна
19На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго. 20Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган. 21И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка. 22Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. 23А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка.
4. Чудесно избавување
24Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?“ Тие одговорија: „Ги фрливме цару!“ 25Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!“
26Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сѐвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. 27Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив.
5. Навуходоносор Го прославува Бога
28Навуходоносор викна: „Благословен да е Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог, Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него та не ѝ се покорија на царската наредба, туку побргу му ги предадоа своите тела на огнот, отколку да му служат или да му се поклонуваат на друг освен на Својот Бог! 29И така наредувам: О народи, племиња и јазици, секој од вас кој би Го похулил Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог ќе биде раскинат на делови, а неговата куќа ќе биде претворена во гноиште, зашто нема бог кој би можел да спаси како Овој.“
30Тогаш царот ги возвиши Седраха, Мисаха и Авденаго на високи положаи во Вавилонската Покраина.
Currently Selected:
ДАНИЕЛ 3: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.