YouVersion Logo
Search Icon

ДЕЛА 22

22
Павлова одбрана
1„Мажи браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.“ 2Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече: 3“Јас сум Јудеец, роден во Киликиски Тарс, а воспитан во овој град, при Гамалиловите нозе, научен строго според татковскиот закон, ревнувајќи за Бога, како и вие сите денес. 4Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, 5како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.“ 6“Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. 7И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ 8А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ 9А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. 10Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!’ 11И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.“
12„А некој Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Јудејци, 13дојде при мене, ми се доближи и рече: ‘Брате Савле, прогледај!’ И јас во истиот миг погледав во него. 14А тој рече: ‘Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја и да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста, 15зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул. 16И што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го името на Господа.’ 17Кога пак се вратив во Ерусалим и се молев во Храмот, се занесов 18и Го видов како ми вели: ‘Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!’ 19А јас реков: ‘Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе; 20и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму; одобрував и ги чував облеките на оние, кои го убиваа.’ 21И ми рече: ‘Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу народите!’
Павле во темница
22Го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: „Премавни го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!“ 23Додека тие викаа така, ги мавтаа своите облеки и фрлаа прав во воздухот; 24заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со биење, за да узнае зошто викаат така против него. 25А кога го опкружија и врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: „Зар смеете да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?“ 26Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: „Што сакаш да правиш? Човеков е римски граѓанин!“ 27Тогаш заповедникот дојде при него и му рече: „Кажи ми, римски граѓанец ли си ти?“ А тој рече: „Да!“ 28Заповедникот одговори: „Јас го добив тоа граѓанство за многу сребреници.“ А Павле рече: „А јас се родив со него.“ 29И веднаш отстапија од него, оние кои сакаа да го испитуваат, а заповедникот се уплаши кога узна дека тој е римски граѓанец, зашто го беше врзал.
Павле пред Синедрионот
30Утреден, сакајќи да знае точно зошто Јудејците го обвинуваат, го ослободи и заповеда да се соберат главните свештеници и целиот Синедрион и го доведе долу Павла и го постави пред нив.

Currently Selected:

ДЕЛА 22: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in