ДЕЛА 16
16
1И така пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на Јудејка, која веруваше, и на татко Грк. 2Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него. 3Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обреза заради Јудејците, кои беа по оние места: зашто сите знаеја дека татко му е Грк. 4И додека одеа по градовите, им ги предаваа одредбите што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат. 5А црквите така се утврдуваа во верата и секој ден нивниот број беше сѐ поголем.
6Ги поминаа Фригиската и Галатската Земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија. 7А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи. 8И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троада. 9И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!“ 10И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нѐ повикал да им го проповедаме Евангелието.
Во Филипи
11Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, 12а на идниот ден во Неапол, 12 а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена. 13А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат. И седнавме и им зборувавме на собраните жени. 14И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на Павловите зборови. 15А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нѐ замоли, велејќи: „Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.“ И нѐ принуди.
16А кога еднаш одевме на молитва, нѐ сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари. 17Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сѐвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.“ 18Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!“ И излезе во истиот час. 19Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците. 20Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град 21и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.“ 22И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови. 23И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро. 24Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада.
25Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. 27А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!“ 29А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; 30ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?“ 31Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.“ 32И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом. 33И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови. 34Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.
35А кога се раздени, заповедниците испратија судски службеници и рекоа: „Пушти ги оние луѓе!“ 36Темничарот му ги рече тие зборови на Павла, велејќи: „Заповедниците пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!“ 37Но Павле им рече: „Откако нас, римски граѓани, без претходна истрага, јавно нѐ биеја и нѐ фрлија во темница; а сега сакаат да нѐ пуштат тајно? Никако! Туку самите да дојдат и нека нѐ изведат!“ 38Судските служители им ги соопштија овие зборови на заповедниците, а тие се исплашија кога чуја дека се римски граѓани 39и дојдоа, се извинија; ги изведоа и ги замолија да си отидат од градот. 40И кога излегоа така од темницата, дојдоа при Лидија, ги видоа браќата и ги утешија, и си отидоа.
Currently Selected:
ДЕЛА 16: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.