YouVersion Logo
Search Icon

ДЕЛА 11

11
Петров извештај до Ерусалимската црква
1И апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и народите го примиле Божјото слово, 2и кога Петар дојде горе во Ерусалим, обрезаните се препираа со него, 3велејќи: „Влезе кај необрезани луѓе и јадеше со нив!“ 4Тогаш Петар почна да им зборува и да им излага редум: 5“Бев во градот Јопија и се молев; и во занес имав видение, како некаков сад, како големо платно, што на своите четири краишта слегува од небото, и дојде до мене. 6Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи и небесни птици. 7И чув глас, кој ми рече: „Стани, Петре! Коли и јади!“ 8А јас реков: „Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста. 9Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: „Она што Бог го очистил, не наречувај го нечисто!“ 10Тоа се случи трипати и пак сѐ беше одвлечено горе на небо. 11И, ете, во тој час три човека, испратени од Ќесарија до мене, застанаа пред куќата во која бевме. 12Тогаш Духот ми рече да одам со нив, не размислувајќи. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот. 13Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: „Прати во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! 14Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.“ 15И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот. 16Тогаш се сетив на Господовите зборови: „Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух. 17И така, ако Бог им даде ист дар, кога поверуваа во Господа Исуса Христа, како и нам, кој сум јас да можам да Му го забранам тоа на Бога?“ 18Кога го чуја тоа, се смирија и Го славеа Бога, велејќи: „И така, Бог им даде и на народите покајание за живот!“
Црквата во Антиохија
19А оние, кои беа распрснати заради гонењето, по Стефана, поминаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи му го никому Словото, освен на Јудејците. 20А некои од нив беа Кипарци и Киринејци, кои - кога дојдоа во Антиохија - им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господа Исуса. 21И Господовата рака беше со нив и голем број поверува и Му се обрати на Господа. 22И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија. 23Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце. 24Имено, тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господа. 25Тогаш отиде во Тарс да го побара Савла; и кога го најде, го доведе во Антиохија. 26И така, цела година се собираа во црквата и поучија големо множество. И прво во Антиохија учениците ги нарекоа христијани.
27Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиохија. 28И едниот од нив, по име Агав, стана и објави преку Духот, дека ќе биде голем глад по целиот свет; која и беше при Клаудиј. 29Тогаш учениците одлучија - секој според своите можности да им испрати помош на браќата во Јудеја. 30Тоа и го направија, испраќајќи им на старешините преку Варнава и Савла.

Currently Selected:

ДЕЛА 11: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in