2 САМОИЛ 23
23
Г. Последни Давидови слова
1Ова се последните Давидови зборови:
Слово на Давида, Јесеевиот син,
збор на човек кој беше високо
воздигнат,
на помазаникот на Јакововиот Бог,
на пејачот на Израелевите песни:
2“Господовиот Дух зборува преку мене,
Неговото слово е на мојот јазик.
3Јакововиот Бог ми рече,
Израелевата Стена ми рече:
‘Кој владее праведно со луѓето,
и кој владее со страв Божји,
4тој е како утринската светлина
кога ќе огрее сонцето,
утро без облаци,
на кое светка земната трева
после дождот.’
5Да, мојата куќа стои цврсто
пред Бога:
Тој склучи вечен Завет со мене,
во сѐ добро уреден и утврден.
Да, Тој ќе направи да напреднува сето
мое спасение
и секоја моја желба.
6Беззакониците се како трња
во пустината,
зашто никој не ги фаќа со рака.
7Никој не ги допира освен со железо
и со дршка на копјето
и потполно ги изгоруваат во оган.“
Д. Набројување на најхрабрите во Давидовата воена дружина
8Ова се имињата на Давидовите јунаци: Тахмонецот Јосев-Васевет, првак меѓу тројца; тој замавна со своето копје против осум стотини и ги погуби одеднаш.
9По него доаѓа Елеазар, синот Додонов, Ахоховец, еден од тројцата јунаци; тој беше со Давида кај Пас Дамин кога се собраа таму Филистејците за бој, а Израелците се повлекоа пред нив. 10Ама тој се држеше цврсто додека раката не му се здрви и остана како зарастена со мечот. Господ даде голема победа во оној ден, па војската се врати со Елеазара, но само за да го собере пленот.
11По него доаѓа Сама, синот Елин, Харерец; кога Филистејците се собраа во Лехија, полето беше полно со леќа, а војската беше избегана пред Филистејците. 12Тогаш тој застана сред полето и го одбрани, и ги разби Филистејците. Така Господ даде голема победа.
13Еднаш тројцата од триесетмина тргнаа на пат и во почетокот на жетвата дојдоа кај Давида во Одоламската Пештера, кога една филистејска чета беше влогорена во Рефаимската Долина. 14Давид тогаш беше во својата крепост, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем. 15Давид издивна: „О кога некој би ме напил со вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата?“ 16Тогаш тие тројца јунаци продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата, му ја донесоа и дадоа на Давида. Ама Давид не сакаше да ја пие, туку ја излеа пред Господа, 17зборувајќи: „Господ да не ми даде да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та излагајќи го животот на гибел, донесоа вода!“ И не сакаше да пие. Ете, тоа го направија тие три јунаци.
18Ависај, Јоавовиот брат а синот Серуин, беше војвода над триесетмина. Тој мавташе со копјето против три стотини, ги погуби и се прослави меѓу триесетмината. 19Тој се одликуваше меѓу триесетмината и стана нивни главатар, ама не ги достигна тројцата.
20Синот Јодаев Венаја, јунак од Кавсеила, богат со јуначки дела, му ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јамата. 21Уби и некој Египетец, крупен човек. Египетецот имаше копје во раката, а тој излезе пред него со стап: истргнувајќи му го на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје. 22Тоа го направи Јодаевиот син Венаја и се прослави меѓу триесетмината јунаци. 23Беше најпознат меѓу триесетмината, ама не ги достигна оние први три; Давид го постави за заповедник на своите телохранители.
24Асаил, братот Јоавов, беше меѓу триесетмината. Потоа: Елханан син Додонов, од Витлеем; 25Сама, од Арод; Елика од Арод; 26Хелис, од Фалет; Ира син Икисов, од Текоја; 27Авиезер, од Анатот; Сибекај, од Хуса; 28Ахохиецот Салмон, Нетофатецот Марај; 29Хелев, синот Ванин, од Нетофа; Итај, синот Ривеев, од Гаваја на Венијаминовите синови; 30Венаја од Пиратон; Идај од Гаскиот Поток; 31Ави Алвон, од Вет Арава; Азмавет, од Варуим; 32Елијав, од Салвона; Јасин, син Јонатанов; 33Сама, од Арара; Ахијам, син Сараров, од Арера; 34Елифелет, син Асвеев, од Вет Маха; Елијам, син Схитофелов, од Гилон; 35Есрај, од Кармил; Фареј, од Арава, 36Игал, син Натанов, од Сова; Ваниј од Гад; 37Селек, Амонец, Нареј, од Вирот, штитоносец на Серуиниот син Јоав; 38Ира, од Јетра; Гарив, од Јетра; 39Уриј, Хетеец; вкупно триесет и седум.
Currently Selected:
2 САМОИЛ 23: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.