YouVersion Logo
Search Icon

2 САМОИЛ 14

14
Б. Јоавово застапништво за Авесалома
1. Умна жена од Текоа
1А Јоав, синот Серуин, забележа дека царевото срце се свртува кон Авесалома. 2Затоа Јоав испрати во Текоа по една умна жена и ѝ рече: „Преправи се како да си во скрб по умрен, облечи тажачки облеки, немој да се мачкаш со масло, туку биди како жена, која е веќе долго време во жалост по умрен. 3Ќе отидеш кај царот и ќе му речеш вака.“ И Јоав ѝ стави во устата нејзина, што да каже.
4Кога жената од Текое му прозбори на царот, падна ничкум на земјата и се поклони, потоа рече: „Помогни, цару!“ 5Царот ја праша: „Што ти е?“ А таа одговори: „Ах, јас сум вдовица. Маж ми умре, 6а твојата слугинка имаше два сина. Тие се скараа во полето, а немаше никој да ги раздвои, па едниот од нив го удри другиот и го уби. 7И ете сиот род се подигна против твојата слугинка и рече: ‘Предај ни го тој, кој го убил брата си: за да го погубиме за животот на неговиот брат кого го убил, а со тоа ќе го сотреме и наследникот.’ Така сакаат да ја угаснат жеравицата што им остана, за да не му остават на мојот маж ни име ни потомство по лицето на земјата.“
8А царот ѝ рече на жената: „Оди си во твојата куќа, јас ќе одредам што треба за тебе.“ 9А жената од Текое му рече на царот: „Господару, цару! Вината нека падне врз мене и врз мојот татковски дом; царот и неговиот престол невини се во тоа!“ 10А царот продолжи: „Оној, кој ти се закани, доведи го кај мене! Тој веќе нема да те гибне!“ 11А таа рече: „Молам, нека царот си спомни на Господа, својот Бог, дека крвниот одмаздник не ќе ја умножи гибелта и дека нема да го погуби мојот син!“ А тој рече: „Така ми живиот Господ, ниедно влакно нема да падне од главата на твојот син на земјата!“
2. Застапување за Авесалома
12А жената продолжи: „Дозволи, твојата слугинка да му рече еден збор на својот господар цар.“ А тој одврати: „Зборувај!“ 13А жената рече: „И така, зошто царот - бидејќи со изречувањето на ваквата мисла самиот се призна за виновен - донесе одлука против народот Божји да не го пушта дома оној, кого го протерал? 14Ние сите сме смртни. Слични сме на водата што се пролева на земја и веќе не може да се собере, и Бог не го подига мртвиот: но мисли за тоа, за протераниот да не остане заточен далеку од него. 15А причината зошто дојдов да ја изнесам пред својот господар цар оваа работа беше таа што луѓето ме заплашија, па твојата слугинка мислеше: ‘Треба да зборувам со царот, можеби царот ќе го направи она што ќе му каже неговата слугинка. 16Зашто царот ќе ја послуша својата слугинка и ќе ја избави од рацете на човекот, кој сака да ме истреби заедно со мојот син од Божјото наследство.’ 17Затоа твојата слугинка помисли: ‘Зборот на мојот господар и цар нека ми биде на смирување. Зашто мојот господар и цар е како Божји ангел кој распознава добро и зло. Господ, твојот Бог, нека биде со тебе!’“
3. Давид претчувствува дека е замешан Јоав
18Тогаш царот проговори и ѝ рече на жената: „Немој сега да ми го скриеш она што ќе те прашам!“ А жената одговори: „Нека зборува мојот господар цар!“ 19Тогаш царот праша: „Не се ли со тебе Јоавовите прсти во сѐ тоа?“ А жената одговори: „Така да си жив, господару цару, навистина не се може ни десно ни лево од сѐ што рече мојот господар и цар! Да, твојот слуга Јоав ми заповеда, тој ја научи твојата слугинка на сите овие зборови. 20Твојот слуга Јоав го направи тоа за да му даде друго лице на сето тоа, ама мојот господар е мудар како Божји ангел, тој знае сѐ што се случува на земјата.“
4. Авесаломово враќање
21Тогаш царот се сврте кон Јоава и му рече: „Добро, ќе го направам тоа. Оди и доведи го назад младиот човек Авесалом!“ 22А Јоав падна со лицето кон земјата, се поклони и го благослови на царот; потоа Јоав рече: „Денес гледа твојот слуга дека најде милост во твоите очи, господару цару, кога царот ја исполни молбата на својот слуга.“ 23Потоа Јоав се крена, отиде во Гесур и го доведе Авесалома назад во Ерусалим. 24Ама царот рече: „Нека си оди во својата куќа, и лицето мое да не го погледне!“ И Авесалом се повлече во својата куќа и не го виде царското лице.
В. Авесаломово востание
1. Авесаломова убавина
25Во сиот Израел немаше човек толку убав како Авесалома, кому би можеле да се искажат толку пофалби: од одот на ногата негова до врвот на главата негова, во него немаше недостаток. 26А кога ја стрижеше косата - а ја стрижеше на крајот на секоја година, зашто му беше претешка па требаше да ја стриже - ја мереше својата коса: беше тешка две стотини шекели, според царската мерка. 27На Авесалом му се родија три сина и една ќерка по име Тамара; беше мошне убава жена.
2. Авесаломова горделивост
28Авесалом помина две години во Ерусалим, и не го виде царското лице. 29Тогаш Авесалом го повика Јоава кај себе за да го испрати кај царот, ама тој не сакаше да дојде кај него; и испрати повторно по него, ама тој пак не сакаше да дојде. 30Тогаш Авесалом им нареди на слугите: „Гледајте, Јоавовото поле, е покрај моето, и таму има јачмен: отидете и запалете го!“ И Авесаломовите слуги ја запалија онаа нива. 31Тогаш Јоав се крена, дојде кај Авесалом во куќата и го праша: „Зошто твоите слуги ја запалија мојата нива?“ 32А Авесалом му одговори на Јоав: „Еве јас испратив кај тебе и ти порачав: ‘Дојди ваму, за да те испратам кај царот да кажеш: „Зошто се вратив од Гесур? Подобро ќе беше за мене да сум уште таму.“‘ Затоа сега дај да го видам лицето на царот, да излезам пред очите на царот, па ако има некаква вина врз мене, нека ме погуби!“ 33Јоав отиде кај царот и му го кажа тоа. Потоа царот го повика Авесалом. Тој дојде пред царот, му се поклони и падна ничкум пред царот. И царот го пољуби Авесалом.

Currently Selected:

2 САМОИЛ 14: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in