YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 21

21
Б. Царување на Манасиј
1. Манасиева нечесност
1На Манасиј му беа дваесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Евси-Ва. 2Правеше што е зло во очите на Господа, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 3Ги обнови високите места што неговиот татко Езекија ги обори, му подигна жртвеник на Ваал, направи ашери како што беше направил Ахав, израелскиот цар; и почна да ѝ се клања на сета небеска војска и да ѝ служи. 4Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кои Господ беше рекол: „Моето Име ќе престојува во Ерусалим.“ 5Ѝ изгради жртвеници на сета небеска војска во двете преддворја на Господовиот Дом. 6И своите синови ги помина низ оган. Вражаше, гаташе, создаде бајачи и привидувачи; направи премногу зло во Господовите очи, и го разгневи. 7Даде да се изваја ликот на Ашера, и го постави во Домот, за кого Господ им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе Го поставам Своето Име довека. 8Не ќе оставам веќе ногата на Израелците да избега од земјата која им ја дадов во наследство на нивните татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сѐ што сум им заповедал: Законот што им го објави Мојот слуга Мојсеј.“ 9Но тие не послушаа, Манасиј ги заведе, та правеа уште полошо отколку народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.
2. Претскажување за паѓање на Ерусалим
10Тогаш Господ зборуваше вака преку Своите пророци: 11“Затоа што јудејскиот цар Манасиј ги вршеше тие мерзости, затоа што направи повеќе зла отколку што правеа Аморејците пред него, и затоа што ги заведе Јудејците со своите кипови на божества, 12вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе направам да дојде неволја на Ерусалим и на Јудеја, таква што ќе им заѕунат двете уши на оние што ќе чујат за неа. 13Ќе оптегнам над Ерусалим исто јаже како над Самарија, иста мерилка како над Ахавовиот дом; ќе го избришам Ерусалим како што се брише посатката, па тогаш се превртува. 14Ќе ги отфрлам остатоците на Своето наследство, ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; ќе им служат за плен и за грабеж на сите свои непријатели, 15зашто правеа што е зло во Моите очи, и зашто го предизвикуваат Мојот гнев од денот кога нивните татковци излегоа од Египет па сѐ до денес.’“
3. Преглед на Манасиевото царување
16И многу невина крв пролеа Манасиј, така што со неа се наполни Ерусалим од едниот крај до другиот, а да не се спомнува и неговиот грев со кој го заведе Јуда за да прави што е зло во Господовите очи.
17Другата Манасиева повест, неговите дела, и гревовите што ги направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 18Манасиј почина покрај своите татковци и е погребан во градината на својот дворец, во Озината Градина. Син му Амон се зацари место него.
В. Царување на Амон
19На Амон му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Месулемета, ќерка Арусова, и беше од Јотева. 20Тој правеше што е зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко Манасиј. 21Во сѐ го следеше патот на својот татко, им служеше на киповите на кои им служеше и неговиот татко, и им се клањаше. 22Тој Го остави Господа, Бога на своите прататковци, и не одеше по Господовиот пат. 23Амоновите стотници направија завера против него и го убија царот во дворецот. 24Но простиот народ ги погуби сите оние кои што се заверија против царот и на неговото место го зацари син му Јосиј. 25Другата Амонова повест, и сѐ што правел, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 26Го погребаа во гробницата на неговиот татко, во Озината Градина, а неговиот син Јосиј се зацари место него.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 21: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in