YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 2

2
Б. Царување на Јорам (Израел)
1. Илија вознесен на небо
1Еве што се случи кога Господ го вознесе Илија на небо во виор: Илија и Елисеј тргнаа од Галгал. 2И Илија му рече на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме праќа до Ветил.“ Елисеј одговори: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!“ И слегоа до Ветил. 3А пророчките синови кои што престојуваа во Ветил му излегоа во пресрет на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?“ Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!“
4Илија му рече: „Елисеј! Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа во Ерихон.“ Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!“ И влегоа во Ерихон. 5Пророчките синови кои што живееја во Ерихон му пријдоа на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?“ Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!“
6Илија му рече: „Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа кон Јордан.“ Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!“ И така тргнаа обајцата. 7И педесет пророчки синови тргнаа и застанаа подалеку, додека тие двајца се задржаа на брегот на Јордан. 8Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни. И обајцата поминаа по суво.
9А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?“ А Елисеј одговори: „Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене!“ 10Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.“ 11И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо. 12Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!“ И веќе не го виде.
2. Почеток на служење на Елисеј
Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве. 13И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан. 14Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?“ И кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина.
15Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух остана на Елисеј!“ И му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата 16и му рекоа: „Еве тука, со нас, твоите слуги, има педесет јунаци. Дозволи им да одат да го бараат твојот господар; можеби Господовиот Дух го однесе и го фрли на некоја гора или во некоја долина.“ Тој им одговори: „Не праќајте никого.“ 17Ама бидејќи тие постојано настојуваа, им рече: „Испратете!“ И ги испратија педесетмината; го бараа три дни, ама не го најдоа. 18Се вратија кај Елисеј, кој остана во Ерихон, и тој им рече: „Не ли ви реков: Не одете!“ 19Жителите од градот му рекоа на Елисеј: „Убаво е во градот, како што може да го види тоа и нашиот господар, ама водата е лоша и земјата неплодна.“ 20Тој рече: „Донесете ми нова чинија и ставете сол во неа!“ И тие му донесоа. 21Тој тогаш отиде кај изворот, ја фрли солта во неа и рече: „Господ зборува вака: ‘Ја исцелувам оваа вода. Од неа нема веќе да има ни смрт ни неплодност.’“ 22И водата стана здрава, и таква е до денешниот ден, според зборот што го рече Елисеј.
23Оттаму се искачи во Ветил. Додека одеше патем, од градот излегоа деца и му се потсмеваа, говорејќи: „Дојди, бескосник! Дојди, бескосник!“ 24Тој се обѕрна, ги погледа и ги проколна во Господово Име. И веднаш излегоа две мечки од шумата и раскинаа четириесет и две деца. 25Оттаму отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in