YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 15

15
Ј. Царување на Азариј
1Во дваесет и седмата година на царувањето на Јеровоам, израелскиот цар, јудејски цар стана Азариј, синот Амасиин. 2Му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим. 3Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј. 4Само не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. 5Но Господ го удри царот, тој остана лепрозен до смртта. Живееше во оддвоена куќа. Царевиот син Јотам беше управител на дворецот и му судеше на народот во земјата.
6Другата Азариева повест и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 7Азариј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град. А на негово место се зацари неговиот син Јотам.
К. Царување на Захариј (Израел)
8Во триесет и осмата година на Азариевото царување во Јудеја, израелски цар во Самарија за шест месеци стана Захариј, синот Јеровоамов. 9Тој правеше сѐ што е зло во Господовите очи, како што правеа неговите татковци; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе на грев Израел. 10Салум, синот Јависов, се побуни против него; го удри и го усмрти во Иблеам, те се зацари место него. 11Другата повест на Захариј е запишана во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 12Се исполни словото што Господ му го рече на Јуј: „Твоите синови ќе седат на Израелевиот престол се до четвртото колено.“ И така беше.
Л. Царување на Салум (Израел)
13Салум, синот Јависов, стана цар во триесет и деветтата година на царувањето на Озиј, јудејскиот цар, и царуваше месец дена во Самарија. 14Менаим, синот Гадиев, се дигна од Терса, дојде во Самарија, та го удри Салума, синот Јависов, го усмрти и се зацари место него. 15Другата повест Салумова, и заверата што ја направи, сѐ е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 16Тогаш Менаим ја разурна Тапса и сѐ што беше во неа, и неговото подрачје од Терса, зашто не му ја отворија вратата. Ја разурна и ги прободе сите трудници во неа.
Љ. Царување на Менаим (Израел)
17Во триесет и деветтата година на царувањето на Азариј во Јудеја, Менаим, синот Гадиев, стана цар на Израел. Царуваше десет години во Самарија. 18Правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во сите свои денови. 19Во негово време, Фул, царот на Асирија, ја освои земјата. Менаим му даде на Фула илјада таланти сребро за да му помогне да ја зацврсти царската власт во своите раце. 20Менаим ги собра тие сребреници од Израел, од сите имотни луѓе, за да би можел да му ги даде на асирискиот цар. Беа по педесет шекели од човек. Така асирискиот цар се врати и не остана таму во земјата. 21Другата повест на Менаим, и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 22Менаим почина со своите татковци, а неговиот син Факиј се зацари место него.
М. Царување на Факиј (Израел)
23Во педесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Азариј, израелски цар во Самарија стана Факиј, синот Мениамов. Царуваше две години. 24Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во грев. 25Неговиот дворјанец Факеј, синот Ремалиев, направи заговор против него и го уби во Самарија, во стражарницата на царскиот дворец, со Аргов и Арие. Со себе имаше педесет луѓе од Галгал. Го уби царот и се зацари место него. 26Другата повест на Факиј, и сѐ што направи, сѐ тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
Н. Царување на Факеј
27Во педесет и втората година на царувањето на Азариј, јудејскиот цар, во Самарија цар стана Факеј, синот Ремалиев.
Царуваше дваесет години. 28Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел.
29Во време на израелскиот цар Факеј дојде асирискиот цар Теглат Феласар и ги зазеде Ијон, Авел Вет Мака, Јанох, Кедес, Асор, Галад, Галилеја и сета Нефталимова Земја. И го одведе населението во Асирија. 30Осиј, синот Илин, се завери против Факеј, синот Ремалиев, го уби и се зацари место него во дваесеттата година на Јотам, синот Озиин. 31Другата Факеева повест, сѐ што направи, сѐ тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
Њ. Царување на Јотам (Јудеја)
32Во втората година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, над Израел; јудејски цар стана Јотам, синот Озиин. 33Му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. Името на мајка му ѝ беше Еруса, Садокова ќерка. 34Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и татко му Озиј. 35Но ни тој не ги разурна високите места; народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Тој ја изгради Горната Врата на Господовиот Дом. 36Другата повест на Јотама, и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 37Во неговите дни Господ почна да ги праќа против Јудеја арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев. 38Тогаш Јотам почина кај татковците, и го погребаа во градот на неговиот прататко Давид. А на негово место се зацари син му Ахаз.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 15: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in