YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 13

13
Ж. Јоахазово зацарување над Израел
1Во дваесет и третата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас, синот Охозиин, Јоахаз, синот Јујов, стана израелски цар во Самарија. Царуваше седумнаесет години. 2Тој правеше што е зло во Господовите очи, и се поведе по гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведуваше Израел да греши. Не отстапуваше од нив. 3Тогаш Господ зовре од гнев против Израел, и го предаде во рацете на арамејскиот цар Азаил и во рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, за сето она време. 4Но Јоахаз го ублажи Господовото лице, и Господ го послуша, зашто ја виде неволјата што арамејскиот цар му ја нанесуваше на Израел. 5Господ му даде на Израел избавител кој го избави од арамејските раце, та Израелците живееја во своите шатори како и порано. 6Но не отстапуваа од гревовите со кои Јеровоам го беше завел Израел: туку одеа по нив, а и ашерите останаа во Самарија. 7Господ му остави на Јоахаз само педесет коњаници како војска, десет бојни коли и десет илјади пешаци; арамејскиот цар ги беше уништил и згазил како прав при вршење. 8Другите Јоахазови дела, сѐ што направи и што преземал, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 9Јоахаз почина со своите татковци, и беше погребан во Самарија, а неговиот син Јоас се зацари место него.
З. Зацарување на Јоас. Израелски цар
1. Јоасова нечесност
10Во триесет и седмата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас - Јоас, синот Јоахазов, стана израелски цар во Самарија. 11Правеше што е зло во очите на Господа. Не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел. Се поведе по него. 12Другата Јоасова повест, сѐ што направи, неговите јунаштва, како војуваше со Амасиј, јудејскиот цар, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 13Јоас почина со своите татковци, а Јеровоам се искачи на неговиот престол. Го погребаа Јоаса во Самарија, покрај израелските цареви.
2. Елисеј и стрела на избавување
14Кога Елисеј се разболе од болест од која што требаше да умре, му дојде израелскиот цар Јоас, се расплака над него и му рече: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!“
15Елисеј му рече: „Земи лак и стрели.“ И тој ги зеде лакот и стрелите. 16Тогаш Елисеј му рече на царот: „Оптегни го лакот!“ И тој го оптегна. Елисеј ги стави рацете врз царевите раце, 17потоа рече: „Отвори го прозорецот кон исток.“ И тој го отвори, а на тоа Елисеј рече: „Стрелај!“ И тој исфрли стрела, а Елисеј рече: „Победоносна Господова стрела! Победничка стрела над Арамејците! До нозе ќе ги разбиеш Азамејците кај Афек.“ 18И продолжи: „Земи ги стрелите!“ Тој ги зеде. Тогаш Елисеј му рече на царот: „Удри на земјата!“ Тој удри трипати и застана. 19Тогаш Божјиот човек се разгневи на него и рече: „Требаше да удриш пет или шестпати! Тогаш потполно ќе ги разбиеше Арамејците; вака ќе ги победиш само трипати.“
3. Смрт на Елисеј и чудо при неговиот гроб
20Потоа Елисеј умре, и го закопаа. А ограбувачките чети на Моавците ја напаѓаа земјата секоја година. 21Се случи некои - погребувајќи човек - да ги здогледаат разбојниците: го фрлија мртовецот на Елисеевиот гроб и си отидоа. Мртовецот, откако ги допре Елисеевите коски, оживе и застана на нозе.
4. Израелеви победи
22Арамејскиот цар Азаил ги угнетуваше Израелците за време на сиот Јоахазов век. 23Но Господ им се смилува и се нажали над нив.
Погледна кон нив заради Својот Завет што го имаше склучено со Авраама, со Исака и со Јакова. Не сакаше да ги истреби и не ги отфрли далеку од Своето лице до денес.
24Азаил, арамејскиот цар, умре, а неговиот син Вен-Адад завладеа место него. 25Тогаш Јоас, синот Јоахазов, пак ги зеде од рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, градовите кои Азаил во војна му ги одзеде на неговиот татко Јоахаз. Јоас го порази трипати и ги врати Израелевите градови.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 13: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in