YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 12

12
Е. Царување на Јоас
1. Јоасова верност
1Во седмата година на Јујовото царување Јоас стана цар, и царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија и беше од Вир-Савеа. 2Јоас правеше што е право во очите на Господа во текот на сиот свој век, зашто го поучуваше свештеникот Јодај. 3Ама не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места.
2. Поправање на оштетени работи на Храмот
4Јоас им рече на свештениците: „Сите сребреници од посветените дарови што се донесени во Господовиот Дом; сребрениците што му се наметнати некому со преценка, и сребрениците што некој ги донесува по своја волја во Господовиот Дом, 5свештениците нека земат секој од својот познат, и тие нека го поправат со тоа Домот, каде што ќе се најде некакво оштетување.“ 6Но во дваесет и третата година на царувањето на Јоас свештениците уште не го поправија Домот. 7Тогаш царот Јоас ги повика свештеникот Јодај и другите свештеници и им рече: „Зошто не го поправувате Домот? Отсега веќе не смеете да земате сребреници од своите познати, туку треба да ги дадете за поправка на Домот.“
8Свештениците се согласија да не земаат сребреници од народот, ама да не го поправаат ни Домот.
9Тогаш свештеникот Јодај зеде ковчег, засече отвор врз капакот и го стави покрај жртвеникот, десно од влезот во Господовиот Дом.
Свештениците, чуварите на вратата, ги ставаа во него сите сребреници собрани во Господовиот Дом. 10Кога ќе се видеше дека во ковчегот има многу сребреници, ќе дојдеше царевиот тајник со великиот свештеник, та ќе ги преброеја и ќе ги врзеа сребрениците што се наоѓаа во Господовиот Дом. 11Преброените сребреници му беа врачувани на управителите на работите за поправка на Господовиот Дом, а тие им исплаќаа на дрводелците и на градежниците, кои работеа во Господовиот Дом, 12и на ѕидарите и на делкачите на камен, и за набавување на дрво и на делкан камен, одредени за поправка на Господовиот Дом, накратко: за трошоците за поправката на Домот. 13Но во Господовиот Дом не се правеа сребрени чаши, ни ножеви, ни котлиња, ни труби, ниту било каков предмет од злато или од сребро за сребрениците што беа подарени, 14туку им ги даваа на работниците кои ги главија за поправка на Господовиот Дом. 15Не се бараше сметка од луѓето на кои им ги предаваа сребрениците за да ги дадат на трудбениците, зашто тие работеа совесно. 16Сребрениците од надоместоците за престап и за грев не се внесуваа во Господовиот Дом, туку им припаѓаа на свештениците.
3. Јоас дава откуп за Ерусалим
17Тогаш Азаил, арамејскиот цар, тргна на војна против Гат и го освои. Потоа одлучи да тргне против Ерусалим. 18Јоас, јудејскиот цар, ги зеде сите посветени дарови кои ги посветија јудејските цареви, неговите татковци: Јосафат, Јорам и Охозиј, сѐ што самиот посвети и сето злато што се најде во ризниците на Господовиот Дом и на царскиот дворец. Сѐ тоа му го испрати на Азаил, арамејскиот цар, и така тој се оддалечи од Ерусалим.
4. Јоасово убиство
19Другите Јоасови дела и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 20Неговите стотници станаа и направија заговор; го убија Јоаса во Вет Мило кога слегуваше во него, на патот за Сило. 21Неговите стотници Јоазахар, синот Симеатов, и Јозавад, синот Сомиров, му зададоа смртен удар. Го закопаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град, а неговиот син Амасиј се зацари место него.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 12: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in