YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 10

10
б. Убивање на седумдесет Ахавови синови
1Во Самарија беа седумдесет Ахавови синови. Јуј напиша писмо и им го испрати на заповедниците на градот, на старешините и на хранителите на Ахавовите деца. Велеше во него: 2“Сега, кога ќе ви стигне ова писмо - вие, кај кои се синовите на вашиот господар, кои имате коли и коњи, цврсти градови и оружје - 3погледајте кој од синовите на вашиот господар е најдобар и најдостоен, па го поставите на престолот на неговиот татко и борете се за домот на својот господар.“ 4Но тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, два цара не можеа да му дадат отпор, како ќе му устоиме ние?“
5Управителот на дворецот, повелникот на градот и старешините и хранителите му го порачаа ова на Јуј: „Ние сме твои слуги, ќе правиме сѐ што ќе ни наредиш; никого нема да го прогласиме за цар. Прави што мислиш дека е добро.“ 6Јуј им напиша и второ писмо и рече во него: „Ако сте за мене и ако сакате да ме слушате, земете им ги главите на луѓето; на синовите на својот господар, и побарајте ме утре во ова доба во Езраел.“ Имено, седумдесет царски синови беа кај угледните граѓани, кои ги воспитуваа. 7А кога им стигна ова писмо, ги зедоа царевите синови и ги погубија сите седумдесет. Нивните глави ги ставија во кошници и му ги испратија нему во Езраел. 8Гласникот дојде и му јави: „Ги донесоа главите на царските синови.“ Тој рече: „Ставете ги до утре кај влезната врата, на две купчиња.“ 9Утрото излезе, застана и му рече на својот народ: „Вие сте праведни! Јас се заверив против својот господар, но кој ги уби сите овие? 10Знајте, дека не остана ниту едно слово што Господ го кажа против Ахавовиот дом; туку Господ изврши сѐ што рече преку Својот слуга Илија.“ 11И Јуј ги погуби во Езраел сите кои останаа од Ахавовиот дом, сите големци, неговите пријатели и неговите свештеници. Никого не поштеди.
в. Погубување на четириесет и два брата на Охозиј
12Потоа Јуј стана и отиде во Самарија. Кога беше на патот кај Овчарска Колиба, 13ги најде браќата на јудејскиот цар Охозиј та ги праша: „Кои сте?“ Тие му одговорија: „Ние сме браќа на Охозиј, а слегуваме за да ги поздравиме царевите синови и синовите на царицата.“ 14Тогаш заповеда: „Фатете ги живи!“ И ги фатија живи, и ги погубија при кладенецот кај Вет Екеда, нив четириесет и два. Не остави ниеден од нив.
г. Убиство на сите кои останаа од Ахавовиот дом
15Откако си отиде оттаму, го најде Јонадава, синот Рихавов, кој му доаѓаше во пресрет. Тој го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце искрено спрема моето, како што е моето кон твоето?“ Јонадав одговори: „Искрено е.“ - „Ако е така, дај ми ја раката.“ Јонадав му ја испружи раката, и Јуј го стави покрај себеси во колата. 16И му рече: „Дојди по мене, ќе ѝ се восхитуваш на мојата ревност по Господа.“ И го одведе во својата кола. 17Влезе во Самарија и ги погуби сите преживеани од Ахавовиот дом во Самарија. Сите ги откорна според словото што Господ му го кажа на Илија.
д. Убиство на Валови служители
18Јуј го собра сиот народ и му рече: „Ахав го почитуваше малку Ваала; Јуј ќе го почитува повеќе. 19Сега повикајте ми ги сите Валови пророци, сите негови слуги и сите негови свештеници, нека не изостане ниеден, зашто ќе му жртвувам на Ваала голема жртва. Кој ќе изостане, ќе го изгуби животот.“ Јуј работеше итро, за да ги уништи Валовите верници. 20Јуј рече: „Свикајте свечен собир за Ваала.“ И го свикаа. 21На тоа Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Валови верници: не беше ниту еден изостанат. Се собраа во Валовиот храм, што се исполни од едниот ѕид до другиот. 22Јуј му рече на чуварот на облеките: „Изнесете им облеки на сите Валови верници.“ И им ги изнесе облеките. 23Јуј влезе во Валовиот храм со Јонадава, синот Рихавов, и им рече на Валовите верници: „Проверете добро, за да нема тука меѓу вас Господови слуги, туку само Валови верници.“ 24Тие влегоа да принесат жртви и паленици.
Но Јуј имаше поставено надвор осумдесет свои луѓе и им рече: „Ако некој од вас пушти да избега и само еден од овие луѓе што ги предавам во вашите раце, со својот живот ќе плати за неговиот живот.“ 25Кога Јуј го заврши приносот на паленицата, им нареди на телохранителите и на началниците: „Влезете, погубете ги! Никој да не излезе!“ Телохранителите и началниците влегоа, ги погубија со острилото на мечот и ги исфрлија надвор. После отидоа до светилиштето на Валовиот храм. 26Го изнесоа Валовиот лик од храмот и го спалија. 27Го раскопаа Валовиот жртвеник и го претворија во јами за нечистота, што останаа до денес.
ѓ. Преглед на царувањето на Јуј
28Така Јуј го истреби Ваала од Израел. 29Но Јуј не се сврти од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, со кои го заведуваше Израел, од златните телиња во Ветил и Дан. 30Господ му рече на Јуј: „Затоа што го сврши добро тоа што ми е по волја, и затоа што направи сѐ што го носев во срцето против Ахавовата куќа, твоите синови ќе седат на престолот Израелев сѐ до четвртото колено.“
31Но Јуј не го следеше верно и со сето срце законот на Господа, Израелевиот Бог. Не се одврати од гревовите со кои Јеровоам го заведуваше Израел.
32Во она време Господ почна да отцепува делови од Израелевата Земја, и Азаил се биеше со Израел на свое подрачје, 33од Јордан кон изгрејсонце, во сета земја Галад, во Гадовата, Рувимовата и Манасиевата земја, сѐ од Ароир, до Галад и Васан. 34Другите Јујови дела, сѐ што направи, сите негови дела, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 35Почина покрај своите татковци и го погребаа во Самарија. Неговиот син Јоахаз се зацари место него. 36Јуј владееше во Самарија над Израел дваесет и осум години.
Ѓ. Царување на Готолија (Јуда)
1. Готолија ја зема власта

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 10: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in