2 ЛЕТОПИСИ 9
9
4. Соломон и царицата од Сава
1Тогаш царицата на Сава чу глас за Соломона; сакајќи да го искуша Соломона со гатанки, дојде во Ерусалим со многубројна придружба и со камили што носеа мириси, многу злато и бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сѐ што ѝ беше на срце. 2Соломон ѝ одговори на сите прашања; ништо не му беше скриено на Соломона, за да не би умеел да ѝ објасни. 3Кога царицата од Сава ги виде: неговата мудрост, дворецот што го беше изградил, 4јадењата на неговиот стол, седењето на неговите слуги и дворници, отменоста на неговите прислужници и нивните облеки, неговите виноподнесувачи, и неговите паленици кои ги принесуваше во Господовиот Дом, ѝ застана здивот.
5Тогаш му рече на царот: „Вистина е што чув за тебе и за твојата мудрост во својата земја. 6Ама не сакав да верувам во тоа што се раскажува додека не дојдов и видов со своите очи; и навистина, не ми беше речено ни половина за твојата голема мудрост; го надмина гласот што го чув. 7Блазе им на твоите луѓе и на твоите слуги, кои стојат пред тебе и ја слушаат твојата мудрост! 8Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кому му омиле толку па те поставил на Својот престол за да царуваш место Господа, својот Бог, зашто твојот Бог го љуби Израел за да го одржи довека; и затоа те постави тебе за цар за да правиш право и правда.“ 9Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти и многу мириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви благомириси какви што царицата од Сава му даде на царот Соломон.
10Хирамовите слуги, кои донесуваа злато од Офир со Соломоновите слуги, исто така донесоа сандалово дрво и скапоцени камења. 11Царот направи од тоа црвено дрво скали кон Господовиот Дом и кон царскиот дом, и гуслиња и псалтири за певците: никогаш порано не беа видени слични работи во Јудејската Земја. 12Царот Соломон ѝ даде на царицата од Сава сѐ што пожела и што посака, освен она што самата му го донесе на царот. Потоа таа тргна и со слугите си отиде во својата земја.
5. Богатство и мудрост на Соломона
13Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше тешко шест стотини шеесет и шест златни таланти, 14освен она што доаѓаше од трговците и од патувачките продавачи. И сите арабјански цареви и земни управители му донесуваа злато и сребро на Соломон. 15Царот Соломон направи двеста штитови од ковано злато: за секој штит употреби шест стотини шекели ковано злато, 16и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши триста златни шекели. Царот ги стави на чување во куќата наречена Ливанска Гора. 17Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато. 18Престолот имаше шест скали и златно подножје составено со престолот, и рачки од двете страни на престолот, а покрај рачките стоеја два лава. 19Дванаесет лавови стоеја од двете страни на оние шест скали. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство. 20Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата наречена Ливанска Гора беа од чисто злато; среброто беше сметано безвредно во Соломоновото време. 21Царевите бродови одеа од Тарсис со Хирамовите слуги; се враќаа секоја трета година и допловуваа тарсиските бродови донесувајќи злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
22Така царот Соломон ги надмина со богатство и со мудрост сите земни цареви. 23Сите земни цареви имаа желба да го видат Соломона и да ја чујат мудроста што Бог му ја влеал во срцето. 24Секој му донесуваше подарок, сребрени и златни посатки, облеки, оружје и мириси, коњи и мазги, од година во година. 25Соломон имаше четири илјади коњски јасли и бојни коли, и дванаесет илјади коњаници, кои ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим. 26Владееше над сите цареви од Реката до Филистејската Земја и до Египетската Меѓа. 27Царот направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедрови дрва како диви смокви што растат во Јудејската Низина. 28Соломон довезуваше коњи од Египет и од сите земји.
6. Соломонова смрт и зацарување на Ровоам
29Другите Соломонови дела, од првите до последните, се запишани во книгата на пророкот Натан, во пророчкиот книжен свиток на Силомјанецот Ахиј и во пророчката беседа на гледачот Идо за Наватовиот син Јеровоам. 30Соломон владееше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години. 31Потоа почина кај татковците, и го погребаа во градот на татка му Давида, а на неговото место се зацари син му Ровоам.
Currently Selected:
2 ЛЕТОПИСИ 9: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.