2 ЛЕТОПИСИ 33
33
Л. Царување на Манасиј и на Амон
1. Манасиева нечесност
1На Манасиј му беа дванаесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. 2Правеше што е зло во Господовите очи, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 3Ги обнови високите места што им ги имаше оборено татко му Езекија, му подигна жртвеник на Ваал, направи ашери и почна да ѝ се клања на сета небеска војска и да ѝ служи. 4Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кого Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе престојува Моето Име засекогаш.“ 5И изгради жртвеници на сета небеска војска и во обата преддворја на Господовиот Дом. 6И своите синови ги преведе низ оган во долината на Еномовиот син. Вражаше, гаташе, маѓепсуваше, создаде бајачи и повикувачи на мртви, и воопшто направи премногу зло во Господовите очи разгневувајќи Го. 7Направи кип на божество, и го постави во Божјиот Дом, за кого Бог им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе го поставам Своето Име довека. 8Не ќе давам веќе ногата на Израелците да се повлече од земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сѐ што им заповедав: сиот Закон, одредбите и обичаите дадени преку Мојсеј.“ 9Но Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.
2. Заробување и ослободување на Манасиј
10Господ ги опоменуваше Манасиј и неговиот народ, но тие не послушаа. 11Затоа Господ ги доведе против нив военачалниците на асирскиот цар. Го фатија Манасиј со куки, го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон. 12Кога се најде во неволја, почна да Му се моли за милост на Господа, својот Бог, длабоко се покаја пред Бога на татковците. 13Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог.
3. Истребување на идолопоклонството
14Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда. 15Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот. 16Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог. 17Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог.
4. Манасиева смрт
18Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви. 19Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај. 20Тогаш Манасиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во дворецот. На неговото место се зацари син му Амон.
5. Амоново царување
21На Амона му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. 22Правеше што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј, зашто тој им принесуваше жртви и им служеше на сите кипови на божествата што ги имаше направено неговиот татко Манасиј. 23Но не се смири пред Господа како што се смири татко му Манасиј, туку уште и ја умножи својата вина. 24Тогаш неговите слуги се заверија против него и го убија во домот негов. 25Ама простиот народ ги погуби сите оние кои се заговорија против царот Амон и на неговото место го зацарија сина му Јосиј.
Currently Selected:
2 ЛЕТОПИСИ 33: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.