2 ЛЕТОПИСИ 28
28
Ј. Ахазово царување
1. Ахазово безбожие
1На Ахаз му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во Господвите очи, како што правеше неговиот татко Давид. 2Живееше како израелските цареви, па им излеа и ликови на вааловците. 3Самиот кадеше во долината на Еномовиот син и ги помина сопствените синови низ оган, според гнасниот обичај на кривобожечките народи што Господ ги протера пред Израелевите синови. 4Принесуваше жртви и кадеше по високите места и брежињата и под секое зелено дрво.
2. Пораз од Амарејци и од Израелци
5Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирскиот цар, та тој го разби, му зароби мноштво луѓе и го одведе во Дамаск. Уште беше предаден во рацете на израелскиот цар, кој го порази тешко. 6Ремалиевиот син Фекај погуби меѓу Јудејците сто дваесет илјади храбри јунаци во еден ден, зашто го беа оставиле Господа, Бога на своите татковци. 7А јунакот од Ефремовото племе Зихриј ги погуби царевиот син Масиј и дворскиот управител Азрикам, втор до царот. 8Израелевите синови заробија од своите браќа двеста илјади жени, синови и ќерки, а зедоа и голем плен од нив и го однесоа во Самарија. 9Таму имаше Господов пророк по име Одид; тој излезе пред војската што одеше во Самарија и рече: „Ете, Господ, Бог на вашите татковци, се разгневи на Јудејците и затоа ги предаде во вашите раце, та ги погуби гневно така што допре до небото. 10А сега уште мислите да ги ставите под бреме Јудејците и Ерусалимците за да ви бидат робови и робинки; а сепак, не сте ли и вие полни со вина спрема Господа, својот Бог? 11Затоа послушајте ме сега и вратете го тоа робје што го заробивте од своите браќа, зашто Господовиот гнев ќе се излее врз вас.“ 12Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската. 13Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.“ 14Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир. 15Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија.
3. Пораз од Едомци, од Филистејци и од Асирци
16Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат. 17Едомците пак беа нападнале и ги поразија Јудејците та ги одведоа во робје. 18Филистејците се раширија по градовите на Јудејскиот Шефел и Негев и, откако ги зазедоа Вет-Самес, Ејалон, Гедирот и Сохот со селата, Тамна со селата и Гимзон со селата, се населија таму. 19Господ почна да ги понижува Јудејците заради Јудејскиот цар Ахаз, зашто Ахаз ги разузда Јудејците и тешко грешеше против Господа. 20Асирскиот цар Телгат-Фелнасар дојде против него, и го притесна место да го зајакне. 21Ахаз ги ограби Господовиот Дом, царскиот дворец и кнезовите и сѐ тоа му го даде на асирскиот цар, ама ништо не му помогна. 22Додека беше во неволја, му стана поневерен на Господа; таков беше царот Ахаз. 23Почна да им жртвува на дамаските богови, кои го поразија, мислејќи: „Кога боговите на арамејските цареви им помагаат ним, ќе им жртвувам за да ми помагаат и мене.“ Но тие им беа на пропаст нему и на сиот Израел. 24Ахаз ги собра посатките од Господовиот Дом, ги искрши, ја затвори вратата на Господовиот Дом и подигна жртвеници по сите агли во Ерусалим. 25И во секој одделен јудејски град подигна високи места за да им кади на туѓите богови, дразнејќи го Господа, Бога на татковците.
4. Ахазова смрт
26Другите негови дела и сите негови патишта, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 27Тогаш Ахаз почина кај татковците. Го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробницата на јудејските цареви. На неговото место се зацари син му Езекија.
Currently Selected:
2 ЛЕТОПИСИ 28: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.