2 ЛЕТОПИСИ 26
26
З. Озиево царување
1. Богоугоден почеток
1Тогаш сиот јудејски народ го зеде Озиј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија на местото на неговиот татко Амасиј. 2Тој пак го изгради Елот, враќајќи ѝ го на Јудеја, откако царот почина при своите татковци. 3На Озиј му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим. 4Правеше што е право во Господвите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј. 5Го бараше Бога за време на животот на Захариј, кој го учеше на Божји страв; додека го бараше Господа, Бог му даваше среќа.
2. Успех
6Тој излезе и завојува против Филистејците, ги разурна ѕидовите на Гат, ѕидовите на Јавна и ѕидовите на Азот; соѕида градови по Азот и по Филистеја. 7Бог му помагаше против Филистејците и против Арабјаните, кои живееја во Гур-Вал, и против Маонците. 8Амонците му даваа данок на Озиј, а неговиот глас се разнесе до Египет, зашто се беше засилил многу. 9Озиј изгради стражарници во Ерусалим кај Аглената Врата и кај Долинската Врата, и на аголот, та ги укрепи. 10Изгради стражарници во пустината и ископа многу кладенци, зашто имаше многу добиток и во Шефел и по Рамницата, орачи и лозари во горите и на Кармил, зашто го сакаше земјоделството. 11Озиј имаше војска вешта за бој, која одеше во војна во чети според бројот како што го изброи тајникот Јемал и настојникот Масиј под управата на Ананиј, еден од царевите кнезови. 12Вкупно имаше на број, семејни главатари, храбри јунаци; две илјади и шест стотини. 13Под нивна управа беше силна војска од триста седумдесет илјади и пет стотини за бој вешти војници за да му помагаат на царот против непријателите. 14Озиј ѝ направи на својата војска штитови, копја, кациги, оклопи, лакови и камења за праќките. 15Направи во Ерусалим вешто измислени бојни справи, пронајдок на градител, за да стојат на стражарниците и на аглите на тврдините, да фрлаат стрели и големи камења; името му се чу надалеку, зашто уживаше чудесна помош сѐ додека не се засили.
3. Грев и казна
16Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник. 17Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе. 18Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!“ 19Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник. 20Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри. 21Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата.
Ѕ. Смрт на Озиј. Јотамово зацарување
22Другите Озиеви дела, од првите до последните, ги опиша Амосовиот син пророкот Исаија. 23Озиј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во полето крај царската гробница, велејќи: „Лепрозен е.“ На неговото место се зацари син му Јотам.
Currently Selected:
2 ЛЕТОПИСИ 26: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.