2 ЛЕТОПИСИ 18
18
4. Јосафатов сојуз со Ахав
а. Ахавов предлог
1Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав. 2По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот. 3Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?“ Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.“
б. Лажни пророци на Ахав
4Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!“ 5Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.“ 6Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?“ 7Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.“ Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!“ 8Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!“ 9Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. 10Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’“ 11Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.“
в. Вистинско пророштво на Михеј
12Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!“ 13Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!“ 14Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?“ Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!“ 15Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?“ 16Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’“ 17Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?“ 18А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево. 19Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она. 20Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’ 21Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ 22Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.“ 23Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?“ 24Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.“ 25Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас. 26Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.“‘“ 27Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!“ И додаде: „чујте сите народи!“
г. Пораз и смрт на Ахав
28Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот. 29Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!“ Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој. 30Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!“ 31Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!“ И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него. 32Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него. 33Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.“ 34Во оној ден бојот беше сѐ пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сѐ до вечерта и умре при зајдисонце.
Currently Selected:
2 ЛЕТОПИСИ 18: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.