YouVersion Logo
Search Icon

1 САМОИЛ 9

9
2. Избирање на Саула за цар
а. Саулово потекло
1Во она време живееше еден човек во Венијаминовото племе по име Кис, син на Авила, син на Серор, син на Вехорат, син Афиев; беше од Венијаминовото племе, виден човек. 2Имаше син по име Саул, кој беше млад и убав. Меѓу Израелевите синови немаше поубав човек од него: за глава беше повисок од сиот народ.
б. Барање на заскитани Кисови ослици
3Тогаш на Кис, Сауловиот татко му се загубија ослиците, па Кис му рече на својот син Саул: „Земи со себе еден слуга па стани и оди да ги бараш ослиците!“ 4И тие ја поминаа Ефремовата Гора, и ја поминаа земјата Салиса, но не најдоа ништо; ја поминаа земјата Салим, но ослиците не беа таму; ја поминаа и Венијаминовата Земја, но не најдоа ништо. 5Кога дојдоа во земјата Суф, Саул му рече на слугата кој го придружуваше: „Ајде да се вратиме, за да не се откаже таткото од ослиците и да се загрижи за нас!“ 6А тој му одговори: „Ене, во оној онаму град живее Божји човек; тој е многу угледен човек: што и да каже се збиднува навистина. И така, да отидеме кај него, можеби ќе не упати во она заради што тргнавме на пат.“ 7А Саул му рече на својот слуга: „Ако навистина отидеме онаму што ќе му однесеме на човекот? Снема леб во нашите торби, немаме подарок да му однесеме на Божјиот човек. Што имаме да му дадеме?“ 8А слугата проговори пак и му рече на Саула: „Ете, имам во раката четвртинка сребрен сикал: ќе му го дадам на Божјиот човек, за да нѐ упати каде да одиме.“ 9(Некогаш во Израел кога би оделе да Го прашаат Бога за совет, се велеше: „Ајде, да појдеме кај видовитиот!“ Зашто кого денес го нарекуваат пророк, некогаш беше викан видовит.) 10Саул му одговори на својот слуга: „Добро велиш. Ајде!“ И тргнаа во градот каде што живееше Божјиот човек.
в. Господ го посочува Саула на Самоила.
Самоилова беседа со Саула
11Кога се искачуваа по угорништето кон градот, сретнаа девојки кои што излегле да нацрпат вода. И ги прашаа: „Дали е горе видовитиот?“ 12Тие им одговорија вака: „Да, видовитиот е пред вас. Точно стигна во градот, само побрзајте, бидејќи денес народот има жртва на високо место. 13Штом ќе влезете во градот, ќе го најдете уште пред да се искачи на високото место да јаде. Зашто народот нема да јаде додека не дојде тој, бидејќи тој треба да ја благослови жртвата, а потоа повиканите ќе јадат. Затоа одете веднаш горе зашто уште ќе го најдете.“ 14Тие отидоа горе во градот. Кога влегуваа во вратата, Самоил ги сретна тргнувајќи кон високото место.
15А ден пред да дојде Саул Господ му откри на Самоила: 16“Утре во ова доба ќе испратам при тебе човек од Венијаминовата Земја. Ти ќе го помажеш за кнез над Мојот народ Израел. Тој ќе го избави Мојот народ од филистејските раце. Ја видов неволјата на Својот народ, и неговиот вик достигна до Мене.“ 17А кога Самоил го здогледа Саула, Господ му проговори: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ.’“ 18Саул му пристапи на Самоила при вратата и рече: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот.“ 19А Самоил му одговори на Саула: „Јас сум видовитиот. Тргни пред мене на високото место, денес ќе јадете со мене. Утре наутро ќе те отпуштам и ќе ти речам сѐ што ти е на срцето. 20А за ослиците што ти се загубија пред три дни, не возбудувај се, зашто се најдоа. Освен тоа, кому му припаѓа сѐ што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?“ 21А Саул одговори вака: „Не сум ли јас од Венијаминовото племе, од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?“
22Самоил ги зеде Саула и неговиот слуга, ги одведе во соба и им даде место на чело на повиканите, кои беа околу триесет. 23Потоа Самоил му рече на готвачот: „Донеси го делот што ти го дадов и за кој ти реков да го оставиш настрана.“ 24Готвачот ги зеде плешката и она што беше над неа и ги стави пред Саула, а Самоил му рече: „Еве, пред тебе е она што е запазено за тебе. Јади, зашто тоа ти е запазено досега, кога го свикав народот.“ Така во оној ден Саул јадеше со Самоила. 25Потоа оттаму слегоа во градот. Таму му послаа на Саула на покривот. 26И тој легна на почивка. Штом се зазори, Самоил го повика Саула, велејќи: „Стани, за да те отпуштам!“ Кога Саул стана, двајцата излегоа, тој и Самоил.
27Кога дојдоа на крајот на градот, Самоил му рече на Саула: „Речи му на момокот нека тргне напред пред нас! А ти застани, сега, за да ти го јавам Божјото слово.“

Currently Selected:

1 САМОИЛ 9: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in