YouVersion Logo
Search Icon

1 САМОИЛ 31

31
7. Смртта на Саул и на неговите синови
1Филистејците завојуваа против Израелците, а Израелците избегаа пред нив и паѓаа убиени по гората Гелвуе. 2Филистејците ги стигнаа Саула и неговите синови и ги погубија Сауловите синови Јонатана, Авинадава и Мелхи-Сува. 3Бојот стана пожесток околу Саула. Го изненадија стрелци со лакови, и тој падна тешко ранет од стрелците. 4Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извлечи го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрезаници та ме прободат и ми се наругаат.“ Ама неговиот штитоносец се исплаши и не сакаше да го направи тоа. Затоа Саул го зеде мечот и се фрли на него. 5Кога оруженосецот виде дека Саул умре, се фрли и тој на својот меч и умре со него. 6Така во тој ден загинаа заедно со Саула, неговите три сина, неговиот оруженосец и сите негови луѓе. 7Кога Израелците, кои беа на другата страна на долината и на другата страна на Јордан, видоа дека Израелевите синови избегаа и дека Саул загина со синовите, ги оставија своите градови та се разбегаа. Филистејците дојдоа и се населија во нив.
8. Филистејците му ја отсечуваат главата на Саула
8Кога утреден дојдоа Филистејците за да ги ограбат победените, ги најдоа Саула и неговите три сина каде што лежат на гората Гелвуе. 9Тие му ја отсекоа главата и го симнаа од него оружјето, што го испратија по сета Филистејска Земја, јавувајќи им ја веселата вест на своите идоли и на народот. 10Потоа го ставија оружјето во Астартиниот храм, а Сауловото мртво тело го приковаа врз ѕидот на градот Вет Сан. 11Но кога оние во Галадскиот Јавис чуја што направија Филистејците со Саула, 12станаа сите храбри луѓе и, откако одеа цела ноќ, ги зедоа Сауловото мртво тело и телата на неговите синови од ѕидот на градот Вет Сан, па ги донесоа во Јавис и таму ги изгореа. 13Потоа ги зедоа нивните коски и ги закопаа под дабот во Јавис, и постеа седум дена.

Currently Selected:

1 САМОИЛ 31: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in