YouVersion Logo
Search Icon

1 САМОИЛ 24

24
и. Саул е поштеден од Давида во пештерата Ен-Гад
1Оттаму Давид се искачи и се настани во енгатските горски засолништа. 2Кога Саул се врати од потерата по Филистејците, му го јавија ова: „Давид е во Енгадската Пустина!“ 3Тогаш Саул зеде три илјади одбрани луѓе од сиот Израел и тргна да ги бара Давида и неговите луѓе на исток од Стрмната Стена на Дивите Кози. 4Одејќи дојде до овчите кошари покрај патот, таму имаше пештера, и Саул влезе за да клекне; а Давид со своите луѓе седеше во дното на пештерата. 5И му рекоа на Давида неговите луѓе. „Еве го денот за кој ти рече Господ: ‘Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!’“ А Давид стана и незабележливо го отсече скутот на Сауловиот плашт. 6Но после го печеше совеста Давида зашто го отсече скутот од Сауловиот плашт, 7па им рече на своите луѓе: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник.“
ј. Давид го кори Саула
8И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат. 9Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!“ А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони. 10Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст? 11Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’ 12О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш! 13Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе. 14Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе. 15По кого излезе израелскиот цар? По кого одиш во потера? По мртов пес, по обична болва! 16Господ нека биде судија, тој нека суди меѓу мене и тебе, нека ја испита и нека ја брани мојата работа и нека ми набави правда: нека ме избави од твојата рака!“
к. Дволично покајание на Саула
17Кога Давид му ги изговори тие зборови на Саула, Саул одговори: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?“ И Саул заплака гласно. 18Потоа му рече на Давида: „Поправеден си од мене, зашто ти ми направи мене добро, а јас ти направив тебе зло. 19А денес ја овенча својата добрина кон мене, зашто Господ ме предаде во твоите раце, а ти не ме уби. 20Кога човек ќе го најде својот непријател, го пушта ли да оди мирно по својот пат? Господ нека ти плати за она добро што ми го направи денес! 21Сега знам веродостојно дека навистина ќе бидеш цар и дека царството над Израел ќе се одржи трајно во твојата рака. 22Затоа заколни ми се сега во Господа дека нема да го сотреш моето потомство по мене и дека нема да го избришеш моето име од мојот татков дом!“ 23Давид му се заколна на Саула, Саул си отиде во својата куќа, а Давид се врати со своите луѓе во горските засолништа.

Currently Selected:

1 САМОИЛ 24: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in