YouVersion Logo
Search Icon

1 САМОИЛ 19

19
6. Саул сака да го погуби Давида
а. Јонатанови обиди да го смири Саула
1Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида. 2И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се. 3А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.“ 4Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе. 5Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?“ 6Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!“ 7Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано.
б. Саул се обидува да го убие Давида
8И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него. 9Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата, 10Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси.
в. Михала му помага на Давида да избега
11Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!“ 12Тогаш Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство. 13А Михала го зеде кипот, го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка. 14Кога Саул испрати гласници за да го фатат Давида, таа им рече: „Болен е.“ 15Но Саул ги врати гласниците за да го видат Давида, и им заповеда: „Донесете го кај мене во постела, за да го убијам!“ 16А кога гласниците влегоа, ете: во постелата беше кипот, со козина околу главата! 17Тогаш Саул ѝ рече на Михала: „Зошто ме измами така и го пушти мојот непријател да побегне и да се спаси?“ А Михала му одговори на Саула: „Тој ми рече: ‘Пушти ме да си одам, или ќе те убијам!’“
г. Давид и Самоил со собир на пророци.
Саул доаѓа кај нив и самиот пророкува
18Така Давид избега и се спаси. И тој отиде кај Самоила во Рама и му јави за сѐ што му направи Саул. Потоа тој и Самоил отидоа и се настанија во Најот. 19А на Саула му јавија вака: „Ене го Давид во Најот во Рама.“ 20Тогаш Саул испрати гласници за да го фатат Давида. Кога тие видоа пророчки собир во пророчки занес, а Самоил на нивно чело, Божјиот Дух ги опфати и Сауловите гласници, та и тие пророкуваа. 21Кога му го јавија тоа на Саула тој испрати други гласници, но и тие пророкуваа. Потоа Саул испрати и трети гласници, ама и тие пророкуваа. 22Тогаш Саул тргна сам во Рама, и кога дојде до големиот кладенец кај Сокхот, праша: „Каде се Самоил и Давид?“ И му одговорија: „Ене ги во Најот во Рама.“ 23Тој веднаш тргна кон Најот во Рама. Но и него го обзеде Божји Дух, па одеше во пророрчки занес сѐ додека не дојде во Најот во Рама. 24Таму и тој ги соблече своите облеки зашто и него го обзеде занес пред Самоила; потоа легна гол и остана така целиот тој ден и сета ноќ. Оттогаш се вели: „Зар е и Саул меѓу пророците?“

Currently Selected:

1 САМОИЛ 19: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in