YouVersion Logo
Search Icon

1 ЦАРЕВИ 3

3
СОЛОМОНОВО ЦАРУВАЊЕ
3:1-11:43
А. Соломонов брак
1Соломон се спријатели со фараонот, египетскиот цар: се ожени со фараоновата ќерка, и ја доведе во Давидовиот Град додека не ја сврши градбата на својот дворец, на Господовиот Храм и на ѕидовите околу Ерусалим. 2Народот пак принесуваше жртви на високи места, зашто уште не беше изграден до тоа време Храм на Господовото име.
Б. Соломонова молитва за дар на мудрост
3А Соломон го љубеше Господа: се управуваше според наредбите на својот татко Давид, само принесуваше жртви и кадеше на високите места. 4Царот отиде во Гаваон за да принесе жртва, зашто таму беше главниот жртвеник. Соломон принесе илјада паленици на жртвеникот. 5Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон. Бог рече: „Барај што да ти дадам.“ 6Соломон одговори: „Многу наклонет беше кон Својот слуга Давид, мојот татко, зашто одеше пред Тебе во верност, справедливост и чесност на своето срце; и му ја запази таа голема милост и даде еден од неговите синови да седи на неговиот престол. 7Сега, о Господи, ти го направи цар Својот слуга на местото на мојот татко Давид, а јас сум уште сосем млад, та уште не знам да владеам. 8Твојот слуга е сред народот што си го избрал; народ броен што не може ни да се изброи ни да се опфати со попис. 9Дај му на Својот слуга проницливо срце за да може да му суди на Твојот народ, да разликува добро од зло, зашто кој би можел да управува со Твојот народ кој е толку голем!“
10На Господа Му беше мило дека Соломон молеше за тоа. 11Затоа Господ му рече: „Зашто го бараше тоа, а не посака ни долг живот, ни богатство, ниту смрт за своите непријатели, туку проницливост во пресудувањето на правдата, 12еве ќе направам според твоите зборови: ти давам мудро и разумно срце, какво што немал никој пред тебе ниту ќе го има некој по тебе, 13но ти давам и што не бараше: богатство и слава каква што нема никој меѓу царевите. 14И ако одиш по Моите патишта и ако ги пазиш Моите закони и заповеди, како што правеше твојот татко Давид, ќе ги умножам твоите денови.“
15Соломон се разбуди, и ете: тоа беше сон. Тој се врати во Ерусалим и застанаа пред Ковчегот на Божјиот Завет; принесе паленици и помирителни приноси, и им приреди гозба на сите свои слуги.
В. Соломонова мудрост
16Тогаш дојдоа кај царот две блудници и застанаа пред него. 17И едната жена рече: „Дозволи, господару мој! Јас и оваа жена живееме во иста куќа, и јас родив покрај неа во куќата. 18А на третиот ден по моето породување роди и женава. Бевме заедно, и никој туѓ со нас; само ние двете во куќата. 19Во една ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него. 20И таа стана сред ноќта, го зеде мојот син од покрај мене, додека твојата слугинка спиеше, и си го стави во својата прегратка, а својот мртов син го стави покрај мене. 21А кога утрото станав да го надојам својот син, ете: тој беше мртов! И кога погледнав внимателно, разбрав: тоа не е мојот син кого што јас го родив!“ 22Тогаш рече втората жена: „Не, не е така. Мој син е оној живиот, а твој е оној што е мртов!“ А првата ѝ одговори: „Не е вистина! Твој син е оној кој е мртов, а мојот е оној што е жив!“ И така се препираа пред царот. 23А тогаш царот проговори: „Оваа вели: ‘Овој живиот е мој син, а оној мртвиот твој;’ другата пак вели: ‘Не е, туку твојот син е мртов, а мојот е оној - живиот.’ 24Донесте меч!“ нареди царот. И донесоа меч пред царот, 25а тој рече: „Пресечете го живото дете надве и дајте ѝ половина на едната, а половина на другата.“ 26Тогаш жената, мајката на живото дете, ја заболе срцето по синот, и таа му извика на царот: „Ах, господару! Детето нека ѝ биде дадено нејзе, само немојте да го убиете!“ А онаа - другата зборуваше: „Нека не биде ни мое ни твое: пресечете го!“ 27Тогаш царот проговори и рече: „Дајте ѝ го детето на првата, не убивајте го за ништо! Таа му е мајка.“ 28Сиот Израел ја чу пресудата што ја изрече царот, и го почитуваа царот, зашто видоа дека во него е Божја мудрост во изречувањето на правдата.

Currently Selected:

1 ЦАРЕВИ 3: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in