YouVersion Logo
Search Icon

1 ЦАРЕВИ 18

18
3. Илија на гора Кармил
а. Божја повелба на Илија да му се јави на Ахав
1Помина многу време и на третата година Господовото слово му беше упатено на Илија: „Оди, покажи му се на Ахав, зашто сакам да пуштам дожд на земјата.“ 2И Илија отиде да му се покаже на Ахав. Бидејќи гладот во Самарија стануваше сѐ поголем, 3Ахав го повика дворскиот управител Авдиј. Тој Авдиј многу се боеше од Господа: 4зашто кога Језавела ги погуби Господовите пророци, тој зеде сто пророци и ги скри по педесет во една пештера, каде ги хранеше со леб и ги поеше со вода. 5И му рече Ахав на Авдиј: „Ајде, ќе ја обиколиме сета земја, сите извори и сите потоци, можеби ќе најдеме трева за да ги запазиме во живот коњите и мазгите и за да не ни пропадне добитокот.“ 6Ја поделија земјата што ќе ја пребаруваат: Ахав замина сам по еден пат, а Авдиј тргна сам по друг пат.
б. Илиева средба со Авдиј
7И кога Авдиј беше на пат, ете му го во пресрет Илија; откако го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си тоа, господару Илија!“ 8Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’ 9Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие? 10Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа. 11А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!“‘ 12Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост! 13Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода. 14И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!“‘ Па тој ќе ме убие!“ 15Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.“ 16Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.
в. Илиева средба со Ахав
17Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?“ 18Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала. 19Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,“ кои јадат покрај трпезата на Језавела.“
г. Засрамување на свештеници на Ваал
20Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил. 21Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.“ А народот не му одговори ништо. 22Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет. 23Дајте ни два јунци. Тие нека си изберат еден за себе, нека го исечат и нека го стават на дрва, ама нека не потклаваат оган. 24Вие повикајте го името на својот бог, а јас ќе го повикам Гоподовото Име: богот кој ќе одговори со оган е вистински Бог.“ Сиот народ одговори: „Добро!“ 25Потоа Илија им рече на Вааловите пророци: „Изберете си за себе еден јунец и почнете, зашто вие сте многу повеќе. Повикајте го името на својот бог, ама не ставајте оган.“ 26Тие го зедоа јунецот што им припадна ним и го подготвија. Го повикуваа Вааловото име од утрото до пладне, велејќи: „О, Ваалу, послушај нѐ!“ Ама немаше ни глас, ни одговор. И скокаа и ги виткаа колената пред жртвеникот што го направија. 27На пладне Илија им се потсмеваше и им рече: „Викајте погласно, зашто тој е бог; зафатен е или има работа; или е на пат; можеби спие, па треба да биде разбуден!“ 28А тие почнаа да викаат уште погласно и да се параат со ножеви и бодила, како што е обичај кај нив, сѐ додека не ги облеа крв. 29Кога помина пладне, паднаа во бунило и беснееја сѐ додека не беше време за да се принесе жртвата; но немаше никаков глас ни одговор ниту знак дека некој ги слуша.
д. Оган од небо на Илиевата паленица
30Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!“ И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат. 31Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!“ 32И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица. 33Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата. 34Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!“ Направија така. Им заповеда: „Повторете,“ и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.“ Тие така и по третпат.
35Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода.
36Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. 37Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.“ 38И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. 39Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!“ 40Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!“ И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби.
ѓ. Одговор на Илиева молитва: голем дожд
41Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.“ 42Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената. 43Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.“ Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!“ Илија одговори: „Врати се седум пати.“ 44Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.“ Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’“ 45Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел. 46Господовата рака беше над Илија, та тој, откако се препаша, отрча пред Ахава сѐ до во близината на Езраел.

Currently Selected:

1 ЦАРЕВИ 18: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in