YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 11

11
Прашањето на Јован Крстител и Исусовото сведоштво за него. Тешко на градовите што не се покајале. Благодарност на отецот. Христос ги повикува изморените.
1И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.
2А Јован штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици,
3и Му рече: »Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?«
4Исус им одговори и рече: »Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате:
5слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието;
6и блажен е оној, што не се соблазнува заради Мене.«
7А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јована: »Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?
8Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се.
9Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк.
10Зашто тој е за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе‘.
11Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во царството небесно е поголем од него.
12А од деновите на Јована Крстител па досега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат,
13зашто сите Пророци и Законот беа пророкувале до Јована.
14И, ако сакате да примите, тој е Илија, кој што ќе дојде.
15Кој има уши да слуша, нека чуе!«
16»А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари
17и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘
18Оти дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а велат: ‚Бес има.‘
19Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на митниците и грешниците.‘ И се оправда Премудроста со своите дела.«
20Тогаш почна Исус да ги укорува градовите, во кои се извршија Негови чудеса најмногу, бидејќи не се покааја.
21»Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудесата, што станаа при вас, тие одамна би се покајале во кострет и пепел;
22но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам.
23И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе слезеш; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудесата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.
24Но ви велам, дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на страшниот суд, отколку тебе.«
25Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил тоа од мудрите и разумните, и си го открил на младенците.
26Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.
27Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.
28Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам;
29земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши;
30зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.«

Currently Selected:

Матеј 11: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in