Малахија 2
2
Проповед и казна.
1И така, за вас свештениците е ова заповед:
2ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му воздадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце.
3И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотојата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив.
4И тогаш ќе познаете, дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам заветот Мој со Левија, вели Господ Саваот.
5Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и јас му го дадов за страв, и тој се боеше од мене и од името Мое се плашеше.
6Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина отстрани од грев.
7Оти устата на свештеникот треба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господа Саваот.
8А вие се отстранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазан во Законот, го разрушивте заветот на Левија, вели Господ Саваот.
9Затоа Јас ќе ве направам презрени и понизени пред сиот народ, оти не ги запазивте патиштата Мои и во Законот гледате кој е кој.
10Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци?
11Вероломно постапува Јуда, и одвратност се врши во Израилот и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата Господова, која требаше да ја сака, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог.
12Господ ќе го истреби од шаторите на Јакова оној, кој прави така, кој е постојано на стража, кој одговара и принесува жртва на Господа Саваот.
13А го правите и ова – го обливате со солзи жртвеникот Господов, плачејќи и воздивнувајќи, така што Он веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши.
14Вие, пак, велите – зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, спрема која постапи вероломно, и ако ти е таа твоја помошничка и твоја законска жена.
15Зар не го направи истото и еден друг, во кого имаше силен дух? А што направи тој? Тој сакаше да добие потомство од Бог. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост.
16Ако, пак, ја напуштиш од омраза, вели Господ Бог Израилев, бесчестие ќе си навлечеш на облеката своја, така вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.
17Вие го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите – секој што прави зло, добар е пред очите на Господа и кон Него благоволи, а и каде е Бог, Кој право суди?
Currently Selected:
Малахија 2: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016