YouVersion Logo
Search Icon

Лука 9

9
Испраќањето на дванаесетте апостоли. Нахранувањето на пет илјади луѓе. Првото пророкување за страдањата. Преображението на Исуса. Исцелението на фатениот. Суетата кај учениците и нивната усрдност спрема Учителот. Следбениците Исусови.
1Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести,
2и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.
3И им рече: »Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате!
4Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат.
5А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.«
6А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.
7Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;
8други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.
9И рече Ирод: »На Јована јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?« И сакаше да Го види.
10А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида.
11Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.
12А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: »Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.«
13Но Он им рече: »Дајте им вие да јадат!« Тие одговорија: »Ние немаме повеќе од пет лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.«
14А тие беа околу пет илјади души. Но Он им рече на учениците Свои: »Кажете им да поседнат на купчиња по педесет.«
15И направија така, и ги поредија сите.
16А Он, кога ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, за да ги стават пред народот.
17И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.
18Еднаш, кога Исус се молеше насамо и учениците Негови беа со Него, Он ги праша: »За кого Ме мисли народот?«
19Тие одговорија и рекоа: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.«
20Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?« Петар одговори и рече: »За Христа Божји.«
21И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа,
22велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
23А на сите им зборуваше: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене!
24Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси.
25Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло?
26Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.
27Вистина ви велам, овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо.«
28На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петра, Јована и Јакова, и се искачи на гората да се помоли.
29И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла.
30И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.
31Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим.
32А Петра и оние, што беа со Него, беше ги совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.
33И кога се одделуваа од Него, Петар Му рече на Исуса: »Наставниче, добро ни е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една!« – не знаејќи што зборува.
34Кога го велеше тоа, одеднаш се јави облак и ги засени; и се уплашија, штом влегоа во облакот.
35И се чу глас од облакот, кој велеше: »Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!«
36А кога се чу тој глас, Исус беше останал Сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе.
37А на другиот ден, кога слегнаа од гората, Го пресретна многу народ.
38И ете, некој во народот извика: »Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син! Оти ми е единец!
39Го прифаќа дух и тој наеднаш вриска; го крши силно, така што пена му се појавува; и кога ќе го измачи, одвај го напушта.
40Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.«
41Одговори Исус и рече: »О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!«
42И додека тој уште приоѓаше, бесот го кутна и почна да го крши. Но Исус му заповеда на нечистиот дух, и го излекува момчето, и го предаде на татка му.
43И сите се чудеа на величината Божја. И додека се чудеа сите на сѐ, што правеше Исус, Он им рече на учениците Свои:
44Сложете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки.
45Но тие не го разбраа оној збор, зашто беше сокриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење.
46И им дојде мисла: кој од нив е најголем.
47А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе,
48па им рече: »Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.«
49Одговори Јован и рече: »Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.«
50Исус му рече: »Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.«
51А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим;
52и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват за Него.
53Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник, што оди во Ерусалим.
54Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: »Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?«
55Но Он се сврте кон нив, ги искара и рече: »Не знаете од каков дух сте вие;
56зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси.« И отидоа во друго село.
57А кога одеа по патот, некој Му рече: »Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.«
58Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.«
59На друг, пак, му рече: »Врви по мене!« А тој одговори: »Господи, позволи најнапред да отидам да го погребам татка ми!«
60Но Исус му рече: »Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!«
61А друг еден рече: »Господи, ќе одам по Тебе, но позволи ми најнапред да се простам со своите домашни.«
62Исус, пак, му рече: »Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.«

Currently Selected:

Лука 9: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in