Лука 7
7
За слугата на стотникот и за младичот во Наин. Јовановото послание. Грешница Го помазува Исуса со миро.
1И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе во Капернаум.
2Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше.
3Па како чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов.
4А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: »Достоен е да му го направиш тоа,
5оти го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.«
6И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: »Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив;
7затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави;
8оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа!‘ – и тој прави.«
9Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: »Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!«
10Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.
11И се случи потоа да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.
12А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.
13Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: »Не плачи!«
14И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: »Момче, тебе ти велам, стани!«
15Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.
16И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: »Голем пророк се јави меѓу нас« и »Бог го посети Својот народ.«
17И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа.
19Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: »Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?«
20И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: »Јован Крстител нѐ прати при Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘«
21Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22И им одговори Исус и рече: »Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;
23и блажен е оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.«
24А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: »Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар?
25Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние, што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се.
26Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.
27Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘
28Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.«
29И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово;
30а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него.
31И рече Господ: »Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?
32Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!‘
33Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Бес има.‘
34Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!‘
35И се оправда Премудроста од сите свои чеда.«
36Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.
37И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: »Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.«
40Му одговори Исус и рече: »Симоне, имам нешто да ти кажам.« А тој одврати: »Учителе, кажи!«
41Исус му рече: »Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет.
42Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?«
43Симон одговори и му рече: »Мислам оној, кому повеќе му прости.« А Он му рече: »Право пресуди.«
44И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: »Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!«
48Нејзе, пак, ѝ рече: »Ти се простуваат гревовите!«
49А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: »Кој е Овој што и гревови проштава?«
50На жената, пак, ѝ рече: »Верата твоја те спаси; оди си со мир!«
Currently Selected:
Лука 7: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016