YouVersion Logo
Search Icon

Битие 47

47
Населување во земјата Гесем. Јаков пред Фараонот. Глад во Египет. Крајот на Јакова наближува.
1И отиде Јосиф, па му јави на Фараонот, велејќи: »Таткото мој и браќата мои, со овците нивни и говедата нивни, и со сѐ што имаа, дојдоа од земјата Хананска; и, ете, тие се сега во земјата Гесемска.«
2И земајќи од браќата свои пет души – ги претстави пред Фараонот.
3А Фараонот им рече на браќата Јосифови: »Каква работа работите?« Тие му одговорија на Фараонот: »Овчари се слугите твои, и ние и нашите татковци, од детство па до сега.«
4И уште му рекоа на Фараонот: »Дојдовме да поживееме во оваа земја, зашто нема пасишта за доботокот на слугите твои, бидејќи голем глад завладеа во земјата Хананска; затоа дозволи им на слугите твои да се населат во земјат Гесем Арабиски.«
5А Фараонот му рече на Јосифа: »Таткото твој и браќата твои дојдоа при тебе;
6земјата Египетска е во твоја власт; насели ги на најдобро место: таткото твој и браќата твои; нека живеат во земјата Гесем; и, ако знаеш, дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледници над мојот добиток.«
7Потоа го доведе Јосиф Јакова, таткото свој и го претстави пред Фараонот: Јаков го благослови Фараонот.
8А Фараонот го праша Јакова: »Колку години имаш?«
9Му одговори Јаков на Фараонот: »Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет; годините на мојот живот беа кратки и злочести и не ги достигнаа дните на татковците мои, колку што тие живееја.«
10Потоа се збогува со Фараонот и, откако го благослови, Јаков си отиде од него.
11А Јосиф ги насели и таткото свој и браќата свои и им даде најдобро место во сопственост во земјата Египетска во областа Рамзес како што беше заповедал Фараонот.
12И му даде Јосиф жито на таткото свој и на браќата свои, и на целиот татков дом, според бројот на членовите.
13Но жито немаше по целата земја, зашто гладот стана многу голем: се истошти земјата Египетска и земјата хананска од глад.
14И ги собра Јосиф сите пари што се наоѓаа во земјата египетска и во земјата Хананска, мерејќи им жито, што го купуваа, и ги однесе во домот Фараонов.
15И снема пари во земјата египетска и во земјата Хананска. Тогаш сите Египтјани почнаа да доаѓаат кај Јосифа и викаа: »Дај ни леб! Зошто да умираме пред тебе? Парите веќе свршија.«
16А Јосиф им велеше: »Дајте го доботокот свој, па ќе ви дадам леб за доботокот, штом парите сте ги потрошиле.«
17И го доведуваа добитокот свој кај Јосифа, а Јосиф им даваше жито за коњите, за овците, за воловите и за ослите. Така ги исхрани таа година со жито во замена за сиот добиток нивни.
18А кога помина таа година, почнаа пак да доаѓаат кај него и втората година, велејќи: »Зар да изгинеме пред господарот наш? Бидејќи парите наши свршија, а и добитокот и имотот што го имавме пред тебе, и кај господарот наш, па не ни остана веќе ништо да му донесеме на господарот наш, освен телата наши и нивите наши.
19За да не пропаднеме пред очите твои, купи нѐ нас и нивите наши за жито, па ние и земјата наша да му станеме робови на Фараонот. А ти дај ни семе, да сееме и да останеме живи и да не умреме, та и земјата да не запусти.«
20И така Јосиф ја купи за Фараонот сета земја во земјата Египетска, бидејќи сите Египтјани ја продадоа својата земја на Фараонот, зашто гладот ги притисна. И земјата стана Фараонова.
21А народот го пороби од едниот крај на Египет до другиот.
22Само не ги купи имотите на жреците, бидејќи Фараонот имотите им ги подарил, и тие се хранеа од давачки, што им ги определил Фараонот. Затоа тие не ја продадоа земјата своја.
23Јосиф, пак, им рече на сите Египтјани: »Ете, ве купив денес вас и нивите ваши за Фараонот. Па, еве ви семе, и посејте ги нивите.
24Но од родот една петина ќе му давате на Фараонот, а четирите дела нека останат за вас: за сеење на нивите и за прехрана ваша и на оние, кои се по домовите ваши.«
25А тие рекоа: »Ти ни го запази животот; нека најдеме милост пред господарот наш и да му бидеме робови на Фараонот.«
26И донесе Јосиф закон, кој е и денес во сила во земјата Египетска: петина му припаѓа на Фараонот, освен од земјата на жреците, што не стана Фараонова.
27А Израил се насели во земјата египетска, во областа Гесем, која ја држеше, и се изнародија и намножија многу.
28И поживе Јаков во земјата Египетска седумнаесет години; а деновите на Јакова броеја сто и четириесет и седум години
29А кога се наближи времето Израил да умре, го повика синот свој Јосифа и му рече: »Ако сум нашол милост пред тебе, стави ја раката твоја под бедрото мое, и направи ми милост и вети ми: немој да ме погребеш во Египет.
30Но за да почивам кај татковците мои, затоа пренеси ме од Египет горе и погреби ме во гробот нивни.« А тој рече: »Ќе направам како што велиш.«
31И му рече: »Заколни ми се!« И тој му се заколна. Тогаш Израил му се поклони врз перницата на постелата.

Currently Selected:

Битие 47: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in