YouVersion Logo
Search Icon

Битие 26

26
Ветувањето на Исака. Патување. Добри и лоши денови.
1Но настана глад на земјата покрај оној што беше во Авраамовото време; и Исак отиде при Авимелеха, царот Филистејски, во Герар.
2И му се јави Господ и рече: »Не оди во Египет, туку живеј во земјата, кој ќе ти ја покажам.
3Настани се во таа замја и Јас ќе бидам со тебе, и ќе те благословам; зашто тебе и на потомството твое ќе ви ја дадам сета таа замја, и ќе ја потврдам клетвата, со која му се заколнав на Авраама, таткото твој;
4и ќе го умножам потомството твое како ѕвездите на небото, и ќе му ја дадам на потомството твое сета таа замја и ќе се благословат преку потомството твое сите народи земни.
5Бидејќи татко ти Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на законите Мои и на наредбите Мои.«
6И остана Исак во Герар.
7А луѓето во тоа место прашуваа за жената негова, а тој велеше – »сестра ми е« – оти се плашеше да каже – »Жена ми е« – за да не го убијат луѓето од тоа место заради Ревека, бидејќи таа беше убава.
8Но откако мина многу време таму, се случи Авимелех, царот герарски, да погледа низ прозорец, и да го види Исака како се шегува со Ревека, жената своја.
9И го викна Авимелех Исака и му рече: »Па, таа ти била жена; а зошто рече – ‚Сестра ми е?‘« – А Исак му одговори: »Оти помислив дека ќе загинам поради неа.«
10Авимелех тогаш му рече: »Што ни направи? Лесно можеше да се случи некој од надвор да легне со твојата жена, и ќе нѐ воведеше во грев.«
11И му заповеда Авимелех на сиот народ свој, велејќи: »Кој ќе се допре до овој човек или до жената негова, ќе загине!«
12И Исак почна да сее во таа земја, и таа година доби стопати повеќе јачмен. Господ го благослови.
13И човекот се издигна и стануваше сѐ поголем додека не стана многу богат.
14И се здоби со многу овци и говеда и ниви, така што Филистејците почнаа да му завидуваат.
15Па сите извори, што ги беа ископале татковите му слуги при животот на неговиот татко Авраама, Филистејците ги затрупаа со земја.
16И Авимелех му рече на Исака: »Оди си од кај нас, зашто стана многу посилен од нас!«
17Тогаш Исак си отиде оттаму, и ги распна шаторите свои во долината Герарска, и се насели таму.
18И почна Исак да ги откопува изворите, што беа ископани од слугите на Авраама, таткото негов, а кои ги беа затрупале Филистејците по смртта на Авраама, таткото негов; и ги нарече со истите имиња, што им ги беше дал неговиот татко.
19И копајќи, слугите Исакови во долината Герарска, најдоа извор со жива вода.
20Па се скараа пастирите Герарски со пастирите Исакови, велејќи: »Водата е наша.« И му кладе име на тој извор Есек, зашто се скараа околу него.
21Откако замина оттаму, Исак ископа друг извор, и околу него се скараа. Затоа него го нарече Ситна.
22Тогаш се крена оттаму, и ископа нов извор, а околу него немаше караница; затоа го нарече Реховот, велејќи: »Оти Господ ни даде простор за да се размножиме во оваа земја.«
23А оттаму мина тој во Вирсавија.
24И истата ноќ му се јави Бог, и му рече: »Јас сум Бог на Авраама, таткото твој. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе, ќе те благословам и ќе го умножам потомството твое заради Авраама, таткото твој.«
25И направи тој таму жртвеник, и Го призва името Господово. И таму го распна шаторот свој, а слугите Исакови ископаа извор таму, во долината Герарска.
26Тогаш дојде при него Авимелех од Герар со Охозат, пријателот свој, и со Фихол, војводата свој.
27А Исак им рече: »Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и ме истеравте од кај вас?«
28А тие одговорија: »Видовме дека Господ Бог е навистина со тебе, па рековме – да положиме меѓу тебе и нас клетва и да склучиме со тебе сојуз:
29да не ни правиш зло, бидејќи и ние тебе не те допревме и ти правевме само добро, и те пуштивме да си одиш со мир; и ете, сега си благословен од Господа.«
30Тогаш тој им приреди гозба; па јадеа и пиеја.
31А уредента, откако станаа рано, се заколнаа еден на друг, и ги отпушти Исак, и тие отидоа од него со мир.
32Истиот ден дојдоа слугите Исакови и му кажаа за изворот, што го ископаа, и му рекоа: »Најдовме вода.«
33И тој го нарече Вирсавија и поради ова и се вика оној град Вирсавија и до ден денешен.
34А кога имаше Исав четириесет години, се ожени со Јудита, ќерка на Хетеецот Веох, и со Васемата, ќерка на Хетеецот Елон.
35А тие станаа тегоба за Исака и Ревека.

Currently Selected:

Битие 26: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in