YouVersion Logo
Search Icon

Битие 19

19
Уништување на Содом. Лотовото спасување. Гревот на ќерките Лотови.
1Оние два ангела стигнаа вечерта во Содом кога Лот седеше пред портата содомска. А кога ги виде Лот, стана да ги пресретне, и се поклони доземи.
2И рече: »Господари мои, влезете во куќата на слугата Ваш, да преноќевате, и измијте си ги нозете Свои; па утре рано, кога ќе станете, одете си по Својот пат.« А тие рекоа: »Не, тука ќе ноќеваме на улица.«
3Но тој настојуваше, и тие појдоа по него и влегоа во домот негов. И тој ги нагости, им испече лебови пресни, и јадеа.
4И уште не беа легнеле, а граѓаните содомски се насобраа околу куќата, стари и млади, целиот народ од сите краишта на градот.
5И го повикаа Лота и му рекоа: »Каде се луѓето, кои дојдоа да ноќеваат кај тебе? Изведи ги да бидеме со нив!«
6Лот излезе пред нив до влезот, ја затвори вратата зад себе,
7и им рече: »Браќа мои, немојте да правите зло!
8Еве имам две ќерки, кои уште не биле со маж; ќе ги изведам кај вас, па правете со нив што ви е угодно; само на оние луѓе не правете им ништо, бидејќи се дојдени под покривот на мојот дом.«
9А тие му рекоа: »Мавни се оттука! Си дошол ваму да живееш како придојден, па, и ќе ни судиш ли? Сега со тебе ќе постапиме уште полошо отколку со нив.« Па навалија силно на човекот, на Лота, и се доближија да ја кршат вратата.
10Тогаш оние мажи ги протегнаа рацете свои надвор и го вовлекоа Лота кај себе, во куќата, и ја затворија вратата од куќата.
11А луѓето, кои беа пред портата куќна, наеднаш ослепеа, од мал до голем, и не можеа да ја најдат вратата.
12Тогаш оние мажи му рекоа на Лота: »Ако имаш зетови, синови или ќерки, или кој и да било свој во овој град сите нив изведи ги од ова место!
13Зошто сакаме да го сотреме ова место, бидејќи повикот против нив е голем пред Господа, па нѐ испрати Господ нас да го уништиме.«
14И излезе Лот, и им кажа на зетовите свои, на кои сакаше да им ги даде ќерките свои, и им рече: »Станете, одете си од ова место, зашто Господ сега ќе го сотре свој град!« Но на зетовите негови им се причини оти се шегува.
15А кога зората зазори, навалија ангелите на Лота да побрза и му рекоа: »Стани, земи ја жената своја, и двете ќерки твои, кои се тука, за да не загинеш поради беззаконието на овој град!«
16Но тој се двоумеше. Затоа ангелите го фатија за рака него, жената негова, и двете ќерки негови, оти Му беше жал на Господа, и ги изведоа, па ги оставија надвор од градот.
17А кога ги изведоа надвор од градот, еден од нив рече: »Спасувај се и спаси ја душата своја; и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа околина! Бегај на оној рид, за да не загинеш.«
18А Лот рече: »Ти се молам, Господи!
19Еве, слугата Твој најде милост пред Тебе, и милоста Твоја е голема, што ја направи спрема мене, оти ми го спаси животот; но јас не можам да се спасам на ридот, бидејќи ќе ме стигне злото и ќе загинам.
20Ене, во оној град; доста е близу, да побегнам таму, а местото е мало; таму ќе се спасам, зашто е мал; па ќе останам жив, благодарејќи на Тебе.«
21А Он му рече: »Еве, ќе те послушам и затоа нема да го уништам градот, за кој рече.
22Бегај побрзо таму; оти не можам да направам ништо, додека не стигнеш онаму.« Заради ова оној град се нарече Сигор.
23И кога сонцето огреа по земјата, Лот пристигна во Сигор.
24Тогаш излеа Господ на Содом и на Гомор од небото дожд од сулфур и оган од Господа од небото.
25И ги сосипа оние градови и целата околија, и сите жители во тие градови, и сите растенија земни.
26Но жената Лотова, одејќи по него, погледна назад и се претвори во солен столб.
27А уредента рано, откако стана, Авраам отиде на местото каде што беше стоел пред Господа;
28и погледна на Содом и на Гомор и на целата околија и виде: и, ете, се креваше пламен од земјата како чад од печка.
29Но додека Бог ги унуштуваше градовите во онаа околија, се сети Бог на Авраама, па го изведе Лота од пропаста кога ги сосипуваше Господ градовите, каде што живееше Лот.
30А Лот излезе од Сигор, и се настани на оној рид со двете ќерки свои; се плашеше да живее во Сигор. Па се насели во пештера со двете ќерки свои.
31А постарата ѝ рече на помладата: »Нашиот татко е стар, а нема човек во земјава да влезе при нас, како што е обичај по целата земја.
32Ајде да му дадеме на таткото наш вино, за да се опие; па да легнеме со него, за да го зачуваме потомството на нашиот татко!«
33И му дадоа вино на татка си во онаа ноќ; и влезе постарата и легна со таткото свој; а тој не сети ни кога легнала таа, ни кога станала.
34А утредента ѝ рече постарата на помладата: »Ете, ноќеска бев со својот татко. Да го опиеме со ниво и вечерва: па влези и ти легни со него, за да му го запазиме потомството на таткото наш!«
35И таа ноќ му дадоа на татка си вино; и влезе помладата и спа со него; а тој не узна ни кога таа легнала ни кога станала.
36И обете ќерки Лотови зачнаа од таткото нивни.
37И постарата роди син, и го нарече Моав, велејќи од татка ми е. Тој е прататко на Моавците до денес.
38А и помладата роди син, и го нарече Амон, велејќи: »Син од мојот род.« Од него се Амонците до денешниов ден.

Currently Selected:

Битие 19: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in