Исход 37
37
Светите работи.
1И направи Веселеил од дрвото ситим ковчег, два и пол лакти висок;
2го опкова одвнатре и однадвор со чисто злато и му направи златен венец наоколу;
3излеа за него четири алки од злато за четири негови страни: две алки за едната страна, а две за другата;
4направи лостови од дрвото ситим и ги опкова со злато;
5и ги провре лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да може ковчегот да се носи.
6Потоа направи поклопец од чисто злато: во должина два лакти и половина, во ширина – лакот и половина.
7Направи и два херувима од злато; исковани ги направи за двата краја на поклопецот;
8едниот херувим на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај; херувимите ги направи да се издаваат од обата краја на поклопецот.
9И херувимите беа со раширени крилја, одозгора, и со крилјата свои го покриваа очистилиштето, а со лицата свртени еден спрема друг, и насочени кон очистилиштето.
10Направи трпеза од дрвото ситим, со должина од два лакти и ширина од лакот, а лакот и половина во висина.
11И ја опкова со чисто злато, и наоколу и направи златен венец;
12потоа и направи страници наоколу, колку дланка широки, а по страниците и направи златен венец.
13Излеа за неа четири алки од злато, и алките ги прицврсти на четирите агли при четирите нозе,
14на страниците имаше алки, низ кои беа проврени лостови, за да може трпезата да се носи.
15А лостовите ги направи од дрвото ситим, за носење на трпезата, и ги покри со злато.
16Потоа направи садови од чисто злато, определени за трпезата: чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се прелива.
17Направи и свеќник од чисто злато, за да свети го направи: стеблото и гранките, чашките, јаболчињата и цветовите му излегуваа од него на двете страни.
18Гранките му излегуваа од страните: три гранки од свеќникот од едната страна, а три гранки на свеќникот од другата страна;
19три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови имаше на едната гранка, а три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови на другата гранка; така беше на сите шест гранки што излегуваа од свеќникот.
20А на самиот свеќник имаше четири чашки како бадемов цвет со јаболчиња и цветови:
21едно јаболче беше под двете гранки од него, и едно јаболче под другите две гранки од него; така и под третите две гранки од шесте гранки што излегуваа од него.
22Јаболчињата нивни и гранките нивни излегуваа од него; целиот искован од чисто злато.
23И му направи седум кандилца, а и секачи и пепеларки од чисто злато;
24од талант чисто злато го направи со сите негови потреби.
25И направи жртвеник за кадење од дрвото ситим: лакот долг и лакот широк, четириаголен, два лакти висок; и од него му излегуваа роговите;
26па го опкова со чисто злато одозгора и страните наоколу, а и неговите рогови; му направи и златен венец наоколу;
27и две алки од злато му направи под венецот на двата агли негови, ги направи од двете негови страни, за да се спроврат низ нив лостовите, за да може да се носи.
28Лостовите ги направи од дрвото ситим, и го опкова со злато.
29И направи миро за свето помазание и мирисно кадиво, чисто со вештина на мироварец.
Currently Selected:
Исход 37: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016