Исход 35
35
Саботата. Приноси. Повикување на Веселеил и Елијав.
1Потоа го собра Мојсеј целото општество на синовите Израилеви, и им рече: »Еве што заповеда Господ да правите:
2шест дена да се работи, и седмиот ден да ви биде одмор, зашто е света сабота, почивка на Господа; секој што ќе работи во тој ден, со смрт да се казни;
3во ден саботен да не палите оган нигде во жилиштата ваши, Јас сум Господ.«
4И уште му рече Мојсеј на целото општество на синовите Израилеви: »Еве што заповеда Господ:
5соберете помеѓу вас принос на Господа, секој што од срце дава, нека донесе принос, добороволно нека принесе принос на Господа; злато, сребро и бакар.
6сина, црвена и темноцрвена ткаенина, двојно предена, висон ткаен и козина;
7и кожи овнешки, црвени, кожи сини и дрво ситим;
8масло за светење, и мириси за елеј за помазание и мирисно кадило;
9и камен сардиски, и камења за украсување на ефодот и за наградникот.
10И сите, кои се меѓу вас мудри по срце, нека дојдат да направат си што заповедал Господ:
11Скинијата, завесите и покривот негов, кукичките негови и штиците, напречниците негови, столбовите негови и подножјата негови;
12и ковчегот на сведоштвото, и столбовите негови, и завестата на дворот и столбот негов, и камењата смарагдови и мирис.
13Трпезата и лостовите нејзини, и лебовите за принос; и жртвеникот и сите сосуди нејзини;
14светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и масло за осветление;
15и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и елеј за помазание, и кадило миризливо, и завесата на вратата од скинијата;
16жртвеникот за сепаленици, и огништата негови од бакар, лостовите негови и сите сосуди за него, и мијалникот и подножјето негово.
17Завесите за дворот, столбовите негови и подножјата нивни, и завесите од вратата на дворот;
18ковчезите за скинијата, и колчињата за дворот со јажињата нивни;
19одеждите свети за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба, и елејот за помазание и кадило миризливо.«
20Потоа целото општество на синовите Израилеви се повлече од Мојсеја.
21И секој, кој принесе што му срце сакаше срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, доаѓаше, носејќи принос на Господа – учеството за градење на шаторот на садови, за секоја служба во него и за сите одежди на светилиштето;
22доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, принесуваа печати, алчиња, обетки, прстења и веришки, секакви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господа;
23и секој, кој имаше сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен, кожи овнешки, црвени, и кожи сини, кожи козји принесуваа;
24и секој, кој донесуваше сребро или туч, Му Го принесуваше како дар на Господа; и кој имаше дрво ситим, го принесуваше за секоја потреба.
25А секоја жена, мудра и вешта во рачно предење со своите раце и принесуваа си што ќе испредеа – преѓа сина, црвена и темноцрвена и препредена;
26секоја пак, жена, што ќе наумеше поради умешноста нејзина, предеше козина.
27А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефодот и на наградникот;
28исто така и масло за осветление и мириси за елеј за помазание и за кадило мирисно!
29И така синовите Израилеви – сите мажи и сите жени, што ќе им дојдеше на ум да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господа.
30Тогаш им рече Мојсеј на синовите Израилеви: »Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.«
31и го исполни со Дух Божји, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност да гради;
32да обработува дрводелие, и да прави работи од злато, сребро и бакар;
33да реже камења, да реже и обраборува дрво, и да прави секакви уметнички работи;
34а вложи во неговото срце и во срцето на Елијава, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други.
35Го обдари со умешност да вршат секаква резбарска работа, кројачка, везачка и ткајачка на сина, црвена и темноцрвена ткаенина и на висон, и да изведуваат секакви работи, во разни уметности.
Currently Selected:
Исход 35: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016