YouVersion Logo
Search Icon

Исход 28

28
Избор и свештенички одежди за Арона и неговите синови.
1»А ти земи го при себе Арона, братот твој, со синовите негови, за да Ми свештенодејствуваат; Арон и Надав, Авијуд, Елеазар и Итамар – синовите Аронови.
2И направи му свети одежди на Арона, братот твој, за чест и слава.
3И кажи им на сите надарени со ум, кои сум ги исполнил со дух на премудрост и расудување, за да му направат на Арона одежди, со кои ќе ми служи во светилиштето.
4А ова се одеждите што треба да ги направат: наградник, ефод, наметка, везен хитон, кидар и појас. Нека направат свети одежди за Арона, и за синовите негови, во кои ќе Ми свештенодејствуваат.
5Затоа и овие нека земат злато и ткаенина сина, црвена и темноцрвена и висон;
6па нека направат ефод од висон ткаен, изработка шарено ткаена.
7На него два нараменика нека има, кои се врзуваат на двата краја, за да се држат заедно.
8И ткаењето на ефодот, кој е одозгора, нека биде иста изработка: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон.
9И земи два камена смарагд, и изрежи ги на нив имињата на синовите Израилеви:
10шесте имиња нивни на едниот камен, а другите шест имиња на вториот камен, според нивното племе;
11со помошта на резбар, преку вешт каменорезец, кој длаби печати, ќе ги изрежеш на тие два камена имињата на синовите Израилеви.
12Тие два камена потоа стави ги на нарамениците од ефодот, како камења за сопмен на синовите Израилеви: и Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви пред Господа на обете рамења за нивни спомен.
13Направи и две рамки од чисто злато,
14потоа две веришки од чисто злато ишарани, направи ги со цветови, па закачи ги плетените веришки на рамките, од нараменикот нивни однапред.
15И градник судиски направи, везен, направи го како по составот на ефодот: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон ткаен направи го;
16четириаголен да биде, двоен, педа долг и педа широк;
17нареди по него во четири реда скапоцени камења. Во првиот ред: сард, топаз и смарагд,
18во вториот ред: антракс, сафир и јаспис;
19во третиот ред: лигур, ахат и аметист;
20во четвртиот ред: хрисолит, јаспис и оникс. Опточи ги со злато, а нека бидат поставени во златни рамки, да бидат на својот ред.
21Тие камења со имињата на синовите Израилеви треба да бидат дванаесет, според имињата нивни: нека бидат врежани како печат, со по едно име од бројот на дванаесетте племиња.
22И на наградникот стави веришки вити, исплетени од чисто злато.
23Направи и две алчиња златни за наградникот, и двете алчиња прицврсти ги за двата краја на наградникот,
24па провлечи ги двете златни веришки низ двете алчиња за краевите од наградникот,
25а другите два краја од двете веришки закачи ги за двете копчиња и стави ги на нарамениците од ефодот, од предната страна.
26Направи и уште други две алчиња златни, па стави ги на другите два краја од наградникот, од крај в крај на ефодот назад, одвнатре,
27а направи и две златни алчиња, и прицврсти ги за двата нараменика на ефодот, одоздола, од неговата предна страна, каде што се соединува, над појасот.
28Потоа алчињата на наградникот нека се врзат за алчињата на ефодот со сина врвка плетена од волна, та да не се одделува наградникот од ефодот.
29А Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви преку наградникот судиски над срцето свое кога ќе влагува во светилиштето, за спомен пред Бога.
30А во наградникот судиски стави ги Урим и Тумим; и тие ќе бидат на градите Аронови, кога влегува пред Госдпода; а Арон секогаш ќе го носи над градите свои судот на синовите Израилеви пред Господа.
31Направи и наметка за ефодот, целата сина;
32одозгора во средината нека има прорез за главата; и нека биде работ на прорезот наоколу опшиен со ширит ткаен, така што наметката да не се реси;
33и по полите нејзини направи топченца од сина, црвена и темноцрвана ткаенина, и темен висон наоколку, а меѓу нив и златни ѕвончиња:
34ѕвонче златно па топче, ѕвонче златно па топче по полите на наметката насекаде наоколу.
35Неа ќе ја носи Арон, кога ќе служи, за да се слуша гласот од неа кога ќе влегува во светилиштето пред лицето на Господа, а и кога излегува, та да не умре.
36А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат ‚Светиња Господова‘,
37и да ја поставиш на сина ткаенина за кидарот, да стои од предната страна на кидарот;
38да биде на челото Ароново, та Арон на себе да ги презема гревовите на приносите, што ги посветуваат синовите Израилеви од сите дарови, што му се принесуваат тие; и така, таа нека биде секогаш на Ароновото чело, за да бидат тие секогаш примени од Господа.
39Направи и хитон од висон, и кидар од висон; а појасот направи го везен.
40И на синовите Аронови направи им хитони, направи и кидари, и превивки за главата направи им, за чест и слава.
41Во тоа облечи го Арона, братот твој, и синовите негови со него; помажи ги, исполни им ги рацете, и освети ги, за да ми бидат свештеници.
42А направи им и долна облека од лен, да се покрие голотијата од телото нивно, од крстот до бедрата, нека биде,
43и да ги носи Арон, и синовите негови, кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, или кога пристапуваат кон жртвеникот за служба во светилиштето, за да не навлечат грев и не умрат. Тоа е вечен закон за него и за потомството негово по него.«

Currently Selected:

Исход 28: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in