Исход 23
23
Законот за правдата и љубовта спрема ближниот. Изгонување на Хананејците.
1»Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни, за да сведочиш криво.
2Не оди со мнозинството на зло и не согласувај се со мнозинството против правдата, поведувајќи се по мнозинството.
3На сиромавиот со неговиот спор не гледај што е сиромав.
4Ако сретнеш вол на непријателот, или осел заскитан, одведи го кај него.
5Ако видиш дека на непријателот твој му паднал оселот под товарот негов, немој да го одминуваш, но да му помогнеш да се крене со него.
6Немој да ја извртуваш правдата на сиромавиот твој во спорот негов.
7Оддалечувај се од неправдата и не убивај невин праведен, бидејќи Јас нема да го оправдам беззаконикот.
8Не земај подароци, зашто подароците ги заслепуваат очите на оние што гледаат и ги извртуваат делата на праведните.
9Не навредувајте и не вознемирувајте придојден: вие знаете каква му е душата на придојдениот, оти и самите бевте придојдени во земјата Египетска.
10Шест години сеј ја земјата своја и собирај ги плодовите нејзини,
11а седмата – остави ја нека отпочине, за да се хранат сиромасите на твојот народ; а со она, што ќе остане по нив, нека се хранат ѕверовите полски; така прави и со лозјето твое и со маслинарникот твој.
12Шест дена врши ги работите свои, а во седмиот ден отпочини, за да здивне волот твој и ослето твое, и да се одмори синот на робинката твоја, како и придојдениот.
13Пазете го сето она, што ви го кажав. Не спомнувајте ги имињата на туѓите богови; ова да не се чуе од устата ваша.
14Трипати годишно прославувај Ме со празник:
15пази го празникот Бесквасници; седум дена јади бесквасни лебови, како што ти заповедав, во определеното време во месецот Авив, зашто во тој месец си излегол од Египет; да не се јавуваш пред Мене празен;
16и празникот на жетвата од првите плодови од твојот труд, што си ги посеал на нивата твоја, и празникот на брањето плодови на крајот од секоја година кога го собираш трудот свој од нивните твои.
17Трипати преку годината сите твои од машки пол треба да се јавуваат пред Господа, твојот Бог.
18Крвта од жртвата Моја да не се излива врз леб, и месото од Мојата празнична жртва да не се остава до изутрина, кога ќе ги истераш незнабошците од пред тебе и ги прошириш пределите свои.
19Првите плодови од жетвата на земјата твоја принесувај ги во домот на Господа, твојот Бог. Немој да вариш јагне во млеко од мајката негова.
20Еве, Јас го праќам пред тебе Ангелот Мој, за да те пази по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.
21Пази се и послушај Го и не противи Му се, оти и Он нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во Него.
22Ако го послушаш гласот Мој и извршуваш си што ќе ти заповедам, и го пазиш заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи; Моја е целата земја, а вие ќе Ми бидете царско свештенство и народ свет. Овие зборови да им ги кажеш на синовите Левиеви, свештениците; и ако го послушате гласот Мој, и ако го извршувате сѐ она што ќе ви речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои.
23Кога Ангелот Мој ќе појде пред тебе и те одведе во земјата на Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, и Јас ќе ги истребам пред лицето ваше.
24Немој да им се клањаш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку урни ги ликовите нивни уништи ги.
25Служи Му на Господа, твојот Бог, па ќе го благословам лебот твој, и виното твое, и водата твоја; и ќе отстранам од вас секакви болести.
26Бездетни и неплодни нема да има во земјата твоја; а ќе направам бројот на деновите твои да бидат полни.
27И ќе го пуштам ужасот Мој што те води, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои.
28Ќе пратам пред тебе и стршлени, и ќе ги изгонам Аморејците, Евејците, Хананејците, Јевусејците и Хетејците.
29Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе.
30Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата.
31И ќе ти ја поставам границата твоја од Црвеното до Филистејското Море, и од пустињата до големата река Ефрат, и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, за да ги истераш пред тебе.
32Не мешај се со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет.
33Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тие ќе ти бидат соблазан за тебе.«
Currently Selected:
Исход 23: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016