Колосјаните 3
3
Потребно е да се мисли на она што е небесно и да се оди по Христа. Христијаните дома.
1И така, ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога:
2мислете за небесното, а не за земното.
3Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога.
4А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.
5Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!
6Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста,
7меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци.
8А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!
9Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела,
10и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател,
11каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос.
12И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;
13трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!
14А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството,
15и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!
16Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши!
17И сѐ што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!
18Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа!
19Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!
20Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!
21Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!
22Вие, робовите, во сѐ бидете им послушни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како да им угодувате на луѓе, туку во простотата на срцето, боејќи се од Бога!
23И сѐ, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе,
24знаејќи дека како награда ќе добиете од Господа наследство, бидејќи на Господа Христа Му служите.
25А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да се гледа кој е кој.
Currently Selected:
Колосјаните 3: MK1990
Highlight
Share
Copy

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016