Јов 3
3
Разговорот на Јов со тројцата негови пријатели
Јов го оплакува денот на своето раѓање
1Потоа ја отвори Јов устата своја и го проколна денот на своето раѓање. 2Почна Јов и рече: 3#10,18; Мт 26,24„Нека е проклет денот, во кој се родив, и ноќта во која рекоа: – се зачна дете! 4Тој ден нека биде темнина; да не го побара Бог одозгора и да не изгрее над него светлина! 5#10,21-22; 28,3; 34,22Да го затемни темнина и смртна сенка, црн облак да го покрие, или страшно помрачување на сонцето! 6Таа ноќ, – темнина да ја опфати, да не се смета меѓу дните на годината, да не влезе во бројот на месеците! 7О, таа ноќ! Без луѓе да беше; веселба во неа да немаше! 8Нека ја проколнат оние, кои го колнат денот, оние кои знаат да го разбудат чудовиштето водено! 9Нека потемнат ѕвездите на мугрите нејзини; да ја чека светлината и таа да не дојде и да не ги види трепките на зората; 10зашто не ги затвори дверите на мајчината ми утроба и не ја сокри тагата од очите мои! 11#10,18Зошто не сум умрел кога сум се раѓал, и не сум издивнал – кога сум излегол од утробата? 12Зошто ме прифатија на колена? Што ми требаше да цицам гради? 13И сега ќе лежев и ќе почивав; ќе спиев и ќе ми беше спокојно 14#15,28; Ис 14,9-11; Ез 32,18-30заедно со цареви и земни советници, кои градеа урнатини за себе, 15или со кнезови, кои имаа злато и кои ги полнеа домовите свои со сребро; 16#10,19; Пс 58,8; Проп 6,3или, како недоносче закопано, немаше да ме има, како новороденчиња кои не виделе светлина. 17#Ис 57,2; Откр 14,13Во гробот насилниците не прават насилство, а изнемоштените наоѓаат починка. 18Таму затворениците заедно се насладуваат од спокојство и не ги слушаат викотниците на надзирателот. 19Мал и голем таму се рамни; робот е слободен од господарот свој. 20Зошто на страдалникот му е дадена светлина, и живот – на душевно огорчените, 21#Ер 8,3; Откр 9,6кои ја очекуваат смртта, а неа ја нема, кои ја бараат повеќе отколку закопано богатство, 22#Ос 9,1би се радувале до восхит, би биле среќни, зашто нашле гроб? 23#1,10Еве јас сум човек кој не знае каде оди, човекот чиј пат е сокриен и кого Бог со мрак го опкружил? 24#Пс 42,3; 102,10Воздишките мои се моја исхрана, офкањата мои течат како вода, 25#15,24; Ез 11,8; Изреки 10,24зашто страшното, од кое се ужасував, тоа ме снајде; од што се плашев, тоа ме сполета. 26Нема за мене мир, нема спокојство, нема утеха; настапи зло.“
Currently Selected:
Јов 3: MK2006
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006