БИТИЕ 1

1
Создавање на небото и земјата
1Во почеток Бог ги создаде небото и земјата. 2Земјата беше пуста и празна; темнината се простираше над бездната, и Божјиот Дух се движеше над водите.
3И Бог рече: „Нека биде светлина!“ И бидна светлина. 4И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја оддели светлината од темнината. 5Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ. И бидна вечер, па утро - прв ден.
6И Бог рече: „Нека биде свод среде водите, да ги дели водите од води!“ 7Бог направи свод, и ги оддели водите под сводот од водите над сводот. И бидна така. 8А Бог го нарече сводот небо. И бидна вечер, па утро - втор ден.
9И Бог рече: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно!“ И бидна така. 10Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро. 11И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!“ И бидна така. 12И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро. 13И бидна вечер, па утро - трет ден.
14И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините, 15и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!“ И бидна така. 16И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите. 17И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата, 18да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро. 19И бидна вечер, па утро - четврти ден.
20И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!“ 21Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро. 22И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!“ 23И бидна вечер, па утро - петти ден.
24И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!“ И бидна така. 25И Бог направи земни ѕверови според нивниот вид, и добиток според неговиот вид, и сите лазачи на земјата според нивниот вид. И Бог виде дека е добро.
26И Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!“ 27Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско. 28И Бог ги благослови и им рече Бог: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!“ 29И Бог рече: „Еве, ви ги давам сите треви, што се осеменуваат, по целата земја, и секое плодоносно дрво, што го носи своето семе во себе: нека ви биде за храна! 30А на сите ѕверови земни и на сите птици во воздухот и на сите лазачи што ползат по земјата, во кои е здивот на животот - нека им е за храна сето зелено билје!“ И бидна така. 31И Бог виде сѐ што направи, и ете, беше многу добро. И бидна вечер, па утро - шести ден.

المحددات الحالية:

БИТИЕ 1: MKB

تمييز النص

شارك

نسخ

None

هل تريد حفظ أبرز أعمالك على جميع أجهزتك؟ قم بالتسجيل أو تسجيل الدخول