Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Рута 1:8-18

Рута 1:8-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ноемина им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во куќата на својот татко; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене! Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!“ И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па ѝ рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“ А Ноемина рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зарем уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи? Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови, ќе можете ли да чекате додека да пораснат? Можете ли да се воздржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Госпо­дова се сврте против мене.“ Тие повикаа и пак заплакаа. И Ор­па се прости со свекрвата своја, а Рута остана со неа. Ноемина ѝ рече: „Ете, твојата јатрва се врати кај својот народ и кај своите богови; врати се и ти по јатрвата своја.“ Но Рута одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог; и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ме казни и уште полошо нека ми додаде, ако нешто друго освен смртта ме раздели од тебе.“ Ноемина, откако виде дека таа цврс­то е решена да оди со неа, престана да ѝ зборува.

Рута 1:8-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Ноемина им рече на своите две снаи: „Вратете се секоја во домот на својата мајка! Господ нека ви биде милостив како што бевте вие кон покојниците и кон мене! Господ нека ви додели двете да најдете мир, секоја во домот на својот маж!“ И ги пољуби, а тие се расплакаа гласно. И ѝ рекоа: „Не! Ние ќе дојдеме со тебе, при твојот народ.“ Но Ноемина им рече: „Вратете се назад, ќерки мои! Зошто би сте иделе со мене? Зар ќе имам уште синови во својата утроба, кои би ви биле мажи? Вратете се назад, ќерки мои, само одете! Премногу сум стара, не сум за мажење, па и кога би рекла: ‘Имам надеж да се омажам уште ноќеска и да родам синови’ - зар би сте могле да чекате да пораснат, и зар би сте останале немажени заради нив? Не, ќерки мои, мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене.“ Тие пак заридаа и Орфа ја пољуби својата свекрва и се врати, а Рута остана со неа. Ноемина ѝ рече: „Ете, гледаш, твојата јатрва се врати при својот народ и при својот бог; врати се и ти по својата јатрва!“ А Рута ѝ одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да си отидам од тебе: зашто каде одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог - мој Бог. Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребаат тебе, ќе ме погребаат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта.“ Гледајќи дека цврсто наумила да оди со неа, прекрати да ја одвраќа.