Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Рута 1:1-21

Рута 1:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во моавските полиња, заедно со жена си и двајцата сина. Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Килион: тие беа од родот на Ефрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во моавските полиња и останаа таму. Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои. Тие си зедоа за жени Моавки – на едната името ѝ беше Орпа, а на другата – Рута; и живееја таму околу десет години. Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Килион, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој. Тогаш таа се крена со снаите свои за да замине од моавските полиња, бидејќи беше чула во моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во јудејската земја, Ноемина им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во куќата на својот татко; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене! Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!“ И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па ѝ рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“ А Ноемина рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зарем уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи? Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови, ќе можете ли да чекате додека да пораснат? Можете ли да се воздржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Госпо­дова се сврте против мене.“ Тие повикаа и пак заплакаа. И Ор­па се прости со свекрвата своја, а Рута остана со неа. Ноемина ѝ рече: „Ете, твојата јатрва се врати кај својот народ и кај своите богови; врати се и ти по јатрвата своја.“ Но Рута одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог; и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ме казни и уште полошо нека ми додаде, ако нешто друго освен смртта ме раздели од тебе.“ Ноемина, откако виде дека таа цврс­то е решена да оди со неа, престана да ѝ зборува. И одеа тие двете додека стигнаа до Витлеем; целиот град се возбуди поради нив, и прашуваа: „Оваа ли е Ноемина?“ Таа им рече: „Не ме викајте Ное­мина, викајте ме Мара, зашто Семоќ­ниот ме исполни со премногу горчина. Јас излегов одовде полна, а Господ ме врати празна: зошто да ме викате Ноемина, кога Господ ме принуди да страдам, Семоќниот ми испрати несреќа?“

Рута 1:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во она време кога владееја судиите настана глад во земјата, па од Јудиниот Витлеем еден човек отиде, со својата жена и со своите два сина, да се насели во Моавските Полиња. Тој човек се викаше Елимелех, жена му Ноемина, а двата негови сина: Малон и Хелеон; сите беа Ефратци од Јудиниот Витлеем. Стигнаа во Моавските Полиња и тука се населија. Тогаш Елимелех, Ноеминиот маж, умре, и таа остана сама со своите два сина. Тие се оженија со Моавки; едната се викаше Орфа, а другата Рута. И таму живееја десет години. Тогаш умреа Малон и Хелеон, и така Ноемина остана и без своите два сина и без својот маж. Тогаш таа се крена, со своите снаи, да си отиде од Моавските Полиња, зашто чу во Моавските Полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. И така таа си отиде од местото каде живееше, а со неа и нејзините снаи; тргнаа на пат за да се вратат во Јудината Земја. Тогаш Ноемина им рече на своите две снаи: „Вратете се секоја во домот на својата мајка! Господ нека ви биде милостив како што бевте вие кон покојниците и кон мене! Господ нека ви додели двете да најдете мир, секоја во домот на својот маж!“ И ги пољуби, а тие се расплакаа гласно. И ѝ рекоа: „Не! Ние ќе дојдеме со тебе, при твојот народ.“ Но Ноемина им рече: „Вратете се назад, ќерки мои! Зошто би сте иделе со мене? Зар ќе имам уште синови во својата утроба, кои би ви биле мажи? Вратете се назад, ќерки мои, само одете! Премногу сум стара, не сум за мажење, па и кога би рекла: ‘Имам надеж да се омажам уште ноќеска и да родам синови’ - зар би сте могле да чекате да пораснат, и зар би сте останале немажени заради нив? Не, ќерки мои, мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене.“ Тие пак заридаа и Орфа ја пољуби својата свекрва и се врати, а Рута остана со неа. Ноемина ѝ рече: „Ете, гледаш, твојата јатрва се врати при својот народ и при својот бог; врати се и ти по својата јатрва!“ А Рута ѝ одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да си отидам од тебе: зашто каде одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог - мој Бог. Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребаат тебе, ќе ме погребаат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта.“ Гледајќи дека цврсто наумила да оди со неа, прекрати да ја одвраќа. Така заедно одеа додека не дојдоа во Витлеем. А кога дојдоа во Витлеем сиот град се возбуди заради нив. „Ма, ова ли е Ноемина?“ - (Пријатна) прашаа жените. А таа им одговараше: „Не викајте ме веќе Ноемина, туку викајте ме Мара (Горчлива), зашто Сѐдржителот ме исполни со горчина! Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце. Зошто ме викате Ноемина кога Господ посведочи против мене, и Сѐмоќниот ме завитка во тага?“