Римјаните 9:22-26
Римјаните 9:22-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост трпел некои садови на гневот, приготвени за погибел, за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на милосрдието што Тој однапред ги приготвил за слава, над нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците? Така се вели и во книгата на Осија: „Ќе го наречам Мој народ оној кој не беше Мој народ, и возљубена – онаа што не беше возљубена.“ И на она место, каде што им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.
Римјаните 9:22-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување. Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава. Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи. Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија: “На оние што не биле Мој народ ќе им речам: ,Мој народе!‘ На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘“ и „На истото место каде што им беше речено: ,Вие не сте Мој народ.‘ сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог.“
Римјаните 9:22-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А што ако Бог - сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата сила - со големо долготрпение, ги трпел садовите на гневот, приготвени за погибел, за да го пројави истовремено богатството на Својата слава над садовите на милоста, што ги приготвил отпорано за слава; како такви, нѐ повика и нас, не само од Јудејците, туку и од народите, како што вели и кај Осија: „Народ, кој не е Мој народ, ќе го наречам Мој; и онаа, која не е возљубена, ќе ја наречам возљубена,“ и така ќе се случи дека на местото, каде им беше речено: „Вие не сте Мој народ,“ таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.“