Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 8:1-39

Римјаните 8:1-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени, бидејќи со посредство на Исус Христос, силата на животодавниот Дух ве ослободи од силата на гревот, која води во смрт. Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас. Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот. Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување. Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир. Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог. Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!) Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог. Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите. Драги христијани, ние не сме и должници на нашата телесна природа и не сме должни да го извршуваме тоа што таа ни го наложува. Ако дозволите грешната телесна природа да ве води, ќе умрете. Но ако со помош на Божјиот Дух ги совладувате навиките на вашата грешна природа, ќе живеете. Само тие што се раководат според Божјиот Дух, се Божји деца. Впрочем, Духот што Го примивте не ве претвора одново во робови, па и понатаму да се плашите од Бог! Напротив, Тој Дух ве посвои и сега сте Божји деца и на Бог можете да Му се обраќате со „Аба“, што значи „Татко“. Самиот Божји Дух, заедно со нашиот дух, не уверува дека ние навистина сме Божји деца. Ако сме Божји деца, ние сме и Негови наследници, заедно со Христос. Се што Бог Му дава на Својот Син, Христос, е и наше. Па и ако страдаме слично како што страдаше Христос, ќе ја наследиме и славата што ја има Тој! Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена. Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца. Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство, не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца. Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува. Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети. Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!? Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме. Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки. А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја. Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели. Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри. А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави. Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго? Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!? Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог! Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт? Иако во Светото Писмо е напишано: „Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе, не сметаат како овци за клање“ Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака. Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили, било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!

Римјаните 8:1-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото, за да се исполни заповедта на За­ко­нот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а коп­не­жот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е не­при­ја­телство против Бога, тој не му се под­редува на законот Божји затоа што не може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји жи­вее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста. Но ако Духот на Оној Кој Го вос­кресна Исус од мртвите живее во вас, то­гаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој жи­вее во вас. И затоа, браќа, ние не сме му дол­жници на телото за да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи. Сите оние што се управуваат по Ду­хот Божји, се синови Божји; зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го при­мивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и нас­ледници: наследници на Бога и со­на­следници Христови, но само ако со Не­го страдаме, та со Него и да се прославиме. Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас. И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Бож­ји, зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж, дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки. И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воз­див­нуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело. Зашто со таа надеж бевме спасени. А надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа? Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Ду­хот Сам посредува за нас со не­ис­ка­жливо воздивнување. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за све­тиите. А знаеме дека на оние што Го љу­бат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро; зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сооб­разни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа. А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оп­равда; кои ги оправда, тие и ги прос­ла­ви. Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ? Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува! Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се зас­тапува за нас! Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голо­тијата? Или погибелта? Или мечот? Како што е напишано: „Заради Те­бе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.“ Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби. Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни влас­ти­те, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ни­ту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.

Римјаните 8:1-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот. Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта. Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го - заради гревот - Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото, па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, - кои не одиме по телото, туку по Духот. Зашто, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата. Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото. Зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате телесните дејства - ќе живеете. Сите оние, кои ги води Божјиот Дух - тие се Божји синови. Имено, не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!“ Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да се прославиме. Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам. Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови - имено, созданието ѝ беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца. Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега. И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело. Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева? Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение. Исто така и Духот ѝ помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите. Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера; зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороденец меѓу многуте браќа. А оние кои ги предопредели, тие и ги повика; кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави. И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сѐ друго со Него? Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог ли, Кој ги оправдува? Кој е оној кој ќе ги осуди? Христос Исус ли, Кој умре - но уште и воскресна - Кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас? Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот? Како што е напишано: „Заради Тебе нѐ убиваат постојано, нѐ сметаат како овци за клање.“ Но во сѐ ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нѐ возљуби. Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нѐ оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност