Римјаните 8:1-11
Римјаните 8:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени, бидејќи со посредство на Исус Христос, силата на животодавниот Дух ве ослободи од силата на гревот, која води во смрт. Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас. Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот. Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување. Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир. Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог. Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!) Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог. Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите.
Римјаните 8:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото, за да се исполни заповедта на Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји живее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста. Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.
Римјаните 8:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот. Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта. Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го - заради гревот - Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото, па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, - кои не одиме по телото, туку по Духот. Зашто, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата. Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.