Римјаните 7:19-25
Римјаните 7:19-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам. А штом го вршам она што не го сакам, не го вршам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу. Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон, кој е во моите органи. Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта? Му благодарам на својот Бог преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, јас самиот со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон.
Римјаните 7:19-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно. Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене. Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам. Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон, но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело. Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!? Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот.
Римјаните 7:19-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
зашто не го правам доброто, што го сакам, туку го правам злото, што не го сакам. А ако го правам она што не го сакам, не го правам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. И така, го наоѓам овој закон: дека кога сакам да правам добро, злото е близу. Вистина, со мојот внатрешен човек наоѓам наслада во Божјиот Закон, но, гледам друг закон во моите членови, кој војува против законот на мојот ум, и ме заробува под законот на гревот, што е во моите членови. Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртоносно тело! Му благодарам на Бога преку Исуса Христа, нашиот Господ!