Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 6:6-14

Римјаните 6:6-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако вос­кресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него. Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го жи­вее, за Бога го живее. Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади! Не препуштајте му ги на гревот ва­шите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.

Римјаните 6:6-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. Гревот не може да владее со мртов човек! Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог. Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог. Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти! Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот.

Римјаните 6:6-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот. А ако умревме со Христа, веруваме дека и ќе живееме со Него, зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога. Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта.