Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 6:1-23

Римјаните 6:1-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет спрема нас? Никако! Ние сме веќе мртви за гревот. Како би можеле тогаш да продолжиме да живееме во грев? Зар не знаете дека сите што се крстивме, идентификувајќи се така со Исус Христос, преку крштавањето „умревме“ заедно со Него? Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот. Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој. Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. Гревот не може да владее со мртов човек! Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог. Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог. Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти! Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот. Што значи тоа? Смееме ли ние да продолжиме да грешиме, заради тоа што Божјата благонаклоност не ослободи од потчинетоста под Законот? Никако! Зар не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се потчините и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се здобиете со праведност. Благодарение на Бог, вие што му бевте робови на гревот, од се срце го прифативте новото учење што Бог ви го даде, и му станавте послушни. Сега, ослободени од вашиот поранешен господар, гревот, вие и станавте робови на праведноста. Ви зборувам вака преку примери со робови и господари, бидејќи вие се уште имате слабост спрема своите тела. Вие порано ги предававте вашите тела да им робуваат на гнасотии и разврат. Сега предајте и се целосно и станете и робови на праведноста, за да станете свети. Кога му бевте робови на гревот, вие не водевте сметка дали тоа што го правите е праведно. Каков беше исходот од тоа што го правевте? Сега се срамите од тие постапки, кои ве водеа во сигурна смрт! Но откако бевте ослободени од власта на гревот и Му станавте робови на Бог, вашите постапки сега ве водат кон свето живеење, а крајниот исход за вас ќе биде добивање на вечен живот. Зашто платата што ја дава гревот е смрт, а подарокот што го дава Бог преку вера во нашиот Господ Исус Христос е вечен живот.

Римјаните 6:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми бла­годатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште? Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да мо­жеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението, знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако вос­кресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него. Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го жи­вее, за Бога го живее. Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади! Не препуштајте му ги на гревот ва­шите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта. Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако! Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послуш­ност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност? Но, благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце се покоривте на оној образец на поука, на која ѝ се предадовте. И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста. Ви зборувам како човек, поради слабоста на вашата човечка природа. Како што ги препуштивте органите на вашето тело во телесна служба на не­чистотата и беззаконието за беззаконие, така и сега оставете ги деловите од ва­шето тело да ѝ робуваат на праведноста која води во светост. Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста. А каков плод имавте тогаш? Дела, од кои сега се срамувате, бидејќи нив­ни­от крај е смртта. Но сега, кога се ослободивте од гре­вот и Му станавте служители на Бога, имате плод кој води во светост, а крајот – животот вечен. Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот ве­чен во Христос Исус, нашиот Господ.

Римјаните 6:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, што ќе речеме? Да останеме ли и натаму во гревот, за да се умножи благодатта? Далеку од тоа! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него? Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исуса Христа, крстени сме во Неговата смрт? И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, - та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, - така и ние да одиме во нов живот. Зашто ако сме соединети со Него во смртта слична на Неговата, ќе бидеме и во воскресението слично на Неговото. Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот. А ако умревме со Христа, веруваме дека и ќе живееме со Него, зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога. Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта. Па што? Да грешиме ли, зашто не сме под Законот, а под благодатта? Да не биде! Не знаете ли: ако некому му се предадете за робови во послушност - робови сте му на оној, кому му се покорувате: или на гревот - за смрт; или на послушноста - за праведност? Но благодарејќи Му на Бога, зашто вие, откако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сѐ срце на примерот на науката, на која ѝ бевте предадени па така, ослободени од гревот, станавте слуги на правдата. Зборувам по човечки заради слабоста на вашето тело: како што некогаш ги предадовте вашите членови да им служат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконство; така сега предадете ги вашите членови да ѝ служат на правдата, за осветување! Зашто, кога бевте робови на гревот, бевте слободни од правдата. А каков плод имавте тогаш, од оние работи, заради кои се срамите денес, зашто нивниот крај е смртта?! Но сега, откако сте ослободени од гревот и откако се поставивте во служба на Бога - го имате вашиот плод - осветувањето; а вечниот живот - за крај, зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е - вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ.